Младоженците од Галичка свадба 2025 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ФОТО+ВИДЕО | Јован Филиповски и Лилјана Михајлоска се младенците на годинешната Галичка свадба

Тридневната манифестација ќе започне в петок, 11 јули, со премиерна изведба на монодрама во чест на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, што ќе биде изведена на мијачки дијалект. Потоа ќе следува забава со диџеј-сет за помладите посетители.

Јован Филиповски и Лилјана Михајлоска се младенците на годинешната Галичка свадба, која ќе се одржи од 11 до 13 јули. Венчавката на младите ќе биде идната недела, на 13 јули, во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник, со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди.

Младенците, Јован, кој е потомок на старо галичко семејство, и Лилјана, се многу радосни што ќе бидат дел од манифестацијата, која за нив е исполнување на животен сон.

„Уште од мали нозе мечтаев да бидам зет на галичката свадба, традиција што треба да се негува, која мене ми беше пренесена од моите баба и дедо, а потоа и од моите родители, кои секоја година учествуваат и се дел од традицијата. Честа е огромна и се надевам што повеќе посетители да нè посетат и да ја видат оваа убава традиција“, рече Филиповски.

Михајлоска вели дека голема е честa, но и одговорноста доследно да се пренесе традицијата.

„Се чувствуваме среќно и гордо, но истовремено голема е одговорноста доследно да се пренесе оваа традиција, но веруваме дека сè ќе помине во најдобар ред“, рече Михајлоска.

Претседателот на месната заедница Галичник, Огнен Караѓозовски, изрази задоволство што сè уште постои интерес кај младите да бидат дел од оваа манифестација.

За време на манифестацијата најавен е посебен сообраќаен режим во селото и се апелира за одговорно однесување, особено во поглед на консумирањето алкохол и грижата за природата.

Тридневната манифестација ќе започне в петок, 11 јули, со премиерна изведба на монодрама во чест на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, што ќе биде изведена на мијачки дијалект. Потоа ќе следува забава со диџеј-сет за помладите посетители.

Галичка свадба – прес / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Идната сабота, на 12 јули, започнуваат свадбарските обичаи, со пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро.

Особено впечатлив момент ќе биде изведбата на ората што го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ – од страна на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред прочуената чешма Упија.

Галичка свадба – прес / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во вечерните часови, невестата придружувана од свадбарите, со борини и факели в рака, ќе оди да полни вода од прочуените три чешми во селото: Секуличе, Динговиче и Упија – обичај поврзан со семејната среќа. Идната недела, на 13 јули, денот ќе започне со традиционалните „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, во чии рамки е и прочуениот обичај „гледање низ прстен“.
Потоа следуваат испраќањето на невестата и дарувањето, како и венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“.

Младоженците од Галичка свадба 2025 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.

Целата програма, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видеоекран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана „во живо“ и на социјалните мрежи. Институционален покровител на „Галичката свадба“ е претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, поддржувач е Министерството за култура и туризам, а „Пивара Скопје“ веќе 50 години е партнер во организирањето на манифестацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот