
ФОТО+ВИДЕО | Интервју со Сузана Турунџиева: Ние не сме обичен хор, „Фрида“ в сабота најавува забава со безвременски хитови
Повеќе од 60 жени го сочинуваат аматерскиот хор „Фрида“ под водство на Сузана Турунџиева. Оваа музичка магија постои девет месеци и се развива во една градска бајка, која им го разубавува животот на членките, а дополнително на публиката ѝ овозвожува да биде дел од креативни и уникатни настани. Во ритамот на безвремеснката Фрида Кало, вечната инспирација, Турунџиева со нејзините Фриди изреализрализирале два концерта и низа други интересни јавни активности, во кои се вклучени и граѓаните.
Препорачано
Од дете ѝ се воодушевувала на Фрида и отсекогаш посакувала хор со нејзино име, рече во една прилика водителката и наставничка по музичко образование, Сузана Турунџиева. Иако првичната идеја за хорот не била ваква, органски настанала една убава женска средина, која ја сочинуваат претежно повозрасни дами.
По девет месеци постоење на аматерскиот хор „Фрида“, на повидок е уште еден концерт што ќе се одржи на 13 јули во 20.30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност.
Што ќе ѝ понудите на публиката в сабота?
– В сабота ќе го отпееме целиот оној репертоар на македонски и светски безвремени хитови кои ги обожуваат и пеат многу генерации. Не верувам дека ќе има присутен во публиката кој нема да си потпевнува заедно со нас. Да, ние сме аматери и во оваа прва сезона не поставивме ниту една стандардна хорска композиција, но, ќе нагласам, ние не сме обичен хор. Ние сме забавен, терапевтски, жизнерадосен хор, кој низ песна го слави животот, се опушта и шири љубов, толеранција и пријателство.
Овој концерт е во склоп на Неделата за Фрида, која ја одбележувате преку различни активности. Што вклучува вашиот начин на потсетување на ликот и делото на Фрида?
– Во неделата на Фрида, помеѓу 6 и 13 јули, направивме едно чудо настани и активности: роденденски концерт на денот на нејзиното раѓање, закуска со нејзините омилени јадења и пијалаци, поетска вечер, ликовна работилница, забрзано работиме на доработка на сите рачни изработки на тема ФРИДА – бесмртна, кои ги работат вредните раце на нашите Фриди.
– Формиравме клуб на креативни Фриди кои спонтано и ненаметливо се надополнуваат и си се инспирираат во идеите. Исто така го доработуваме нашиот штанд, на кој сè ќе биде на продажба, ќе има и кутија за донации, а средствата ќе бидат наменети за лекување на едно детенце. Завршниот настан во оваа недела ќе биде целовечерниот концерт во сабота на Скопско лето.
Како се развива хорот „Фрида“, дали ова беа вашите очекувања?
– Моите очекувања на почеток беа многу скромни и навистина не верував ваква масовна заинтересираност и љубов кон групното музицирање, но многу се радувам што нашите членки од ден во ден, од седмица во седмица се охрабрија да си ги поканат и приклучат сите нивни пријателки, колешки, мајки, ќерки, свекрви и на моја огромна радоста сега сме едно големо распеано, насмеано, музичко семејство.
– Ние сме потполно женска дружина во која доминира и царува таа женска енергија. Со огромен респект кон секоја од нив, јас внимателно ја разгледувам и анализирам секоја нивна идеја, предлог или иницијатива која со многу ентузијазам ја предлагаат.
Вие сте учителка по професија, направете ни компарација, како е да се работи за музика со возрасни, наспроти учењето со деца? Кои се предности, разлики …
– Јас долги години работев во образование, најпрво како професор по соло пеење во ДМБУЦ, а подоцна и во едно основно училиште, меѓутоа да работиш во училиште со деца, каде што е задолжително присуството и да работиш со возрасни, каде што ништо не е задолжително е огромна разлика. Учениците, најчесто мораш многу да ги мотивираш, патем да умееш да ги надвикаш, да ги смириш и од петни жили да се обидеш да направиш работна атмосфера за да одржиш час, додека кај возрасните кои со многу љубов и желба едвај чекаат да дојде денот за проба, сè е полесно. Верувајте дека и мене, на почетокот кога пеевме само во понеделниците, многу бавно ми врвеа другите денови и едвај чекав да дојде понеделник за да пееме.
– Денес, кога бројот на членки надмина 60, сите тие јасно и гласно велат: Никогаш не сме ги сакале понеделниците, ама сега ги засакавме, затоа што во понеделник имаме проба со хорот! Изминативе месеци имавме многу убави заеднички моменти, а најдраго од сè е кога таму, на проба се среќаваат хористки кои не се виделе по 30 години. И одново го обновуваат своето пријателство, што е многу емотивно за сите нас. Уште подраго ми е кога ќе ми пишат и ќе ме контактираат жени кои не ги познавам, но, чуле за хорот „Фрида“ од Македонија и ќе ми речат: Сузе, многу ми се допаѓа идејата со хорот, јас не знам да пеам, ама може ли да ви се приклучам, само да ве слушам, и ќе правам сè што ќе ми кажете?!
Дали се отворени вратите за нови членки?
– Да, во првата седмица од септември ќе имаме аудиција за нови членки и ќе формираме уште една група. Хорот ќе работи во три секции: Првата ќе биде составена од веќе искусни хористки, кои ќе обработуваат и малку потежок репертоар, а втората секција ќе биде повеќе за музикотерапија, забава, опуштање и незадолжително групно музицирање. Во втората група нема да биде задолжително да се располага со пејачки вештини. Третата секција ќе биде новитет и ќе биде наменета за најмалите девојчиња од 5 – 8 години, насловена како „Бејби Фрида“ (Baby Frida)!
Какви се плановите за хорот летово и воопшто целите за во иднина? Која е вашата визија?
– Од 15 јули до 15 август хорот ќе оди на заслужен летен одмор, а не е исклучено дека ќе имаме и некои инцидентни настапи на некои летни сцени, за кои сè уште чекаме одговор, ако не во потполн состав, тогаш во скратен состав, а од 15 август се враќаме во работно темпо и подготовки за настап на Третата глобална женска лидерска конференција во Македонија „Јас сум жена“, која ќе се одржи на 31 август годинава.
– Паралелно со сите други активности се подготвува и химната за хорот „Фрида“ од Македонија, чиј автор на музика и текст сум јас, па се радувам што во новата (втора) сезона ќе влеземе и со своја химна.