Фото: AERO Street Food Festival/Слободен печат - Методи Здравев

ФОТО+ИНТЕРВЈУ | „Аеро стрит фуд“ – фестивал за храна кој ќе го освежи Аеродром

Разговаравме со Дарко Панчевски, организаторот на „Аеро стрит фуд фестивал“, кој ни откри како настанал фестивалот и зошто паркот „Авионче“ во Аеродром викендов се претвори во нов гастрономски центар на градот.

Во паркот „Авионче“ во скопската населба Аеродром, деновиве мириса на скара, зачини и на свежо печена храна. Луѓето шетаат од штанд до штанд, деца трчаат околу поставените клупи, а од звучниците тече лесна фанк музика која му дава пулс на целиот простор.

Вечерва започна првото издание на „Аеро стрит фуд фестивал“, каде што храната, музиката и урбаната култура се спојуваат во еден живописен празник на вкусот и на заедништвото.

Најдовме време да поразговараме со организаторот Дарко Панчевски, човекот зад идејата што викендов го претвори „Авионче“ во нов гастрономски центар на градот. Тој ни откри како настана фестивалот и што го прави посебен.

Фото: AERO Street Food Festival/Слободен печат – Методи Здравев

Како се роди идејата за овој фестивал? Зошто во паркот „Авионче“?

– Идејата произлезе од потребата Аеродром да добие современ фестивал кој ги обединува уличната гастрономија, музиката и забавата. „Авионче“ беше избрано бидејќи е едно од најубавите зелени катчиња во Аеродром, со простор и атмосфера што овозможуваат вистинско урбано собиралиште за сите генерации.

Што е целта на фестивалот? Што сакате да постигнете?

– Нашата цел е да понудиме уникатно искуство за посетителите, да ги приближиме различните култури преку гастрономија и музика и да создадеме традиција која ќе го позиционира Аеродром како регионален центар на урбан живот.

Фото: AERO Street Food Festival/Слободен печат – Методи Здравев

Колку учесници и штандови со храна ќе има годинава?

– Годинава имаме над 14 штандови со познати брендови и специјализирани гастро понуди, од македонска скара, преку италијанска и азиска кујна, до модерни „стрит фуд“ концепти и десерти.

Што е посебно на ова издание – што го издвојува од други слични настани?

– Посебно е тоа што фестивалот не е само гастрономија, туку целосно искуство. Имаме музичка програма со бендови и со диџеи, забавни предизвици за публиката секоја вечер, простор за семејства и најмладите, како и пријатна урбана атмосфера што го претвора „Авионче“ во највеселото место во градот.

Фото: AERO Street Food Festival/Слободен печат – Методи Здравев

Каква е досегашната реакција на посетителите?

– Реакциите се исклучително позитивни, луѓето се воодушевени што конечно има ваков урбан фестивал. Посетителите ни пренесуваат дека уживаат во понудата, организацијата и во програмата, а и дека настанот им носи нова енергија и повод за дружење.

Дали планирате фестивалот да стане традиционален?

– Да, апсолутно. Нашата визија е „AERO Street Food Festival“ да прерасне во традиција, настан кој секоја година ќе го збогатува културниот и гастрономскиот календар на градот, а со текот на времето да привлече и регионални гости.

Првото издание на фестивалот ќе трае до 8 септември, а влезот е бесплатен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот