
ФОТОГАЛЕРИЈА | Работнички го совлада Пелистер за прв триумф сезонава во шампионатот
Фудбалерите на Работнички немаа победа во Првата македонска лига по четири натпревари оваа сезона, а денеска таа негативна серија прекина со победата над Пелистер од 3:0.
Препорачано
Клубот од Дебар Маало се надмина себеси на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје надигрувајќи го гостинот од Битола.
Тимот на Алпарслан Ердем конечно покажа игра на нивото на минатата сезона, кога Работнички излезе во Европа.
Пелистер се закани во петтата минута, но Василев успеа да одбрани, а десет минути подоцна Флоријан Кадриу го погоди дирекот шутирајќи откосо од десната страна.
Во 31. минута, Работнички дојде во водство од 1:0. Демир Имери одлично го проигра Флоријан Кадриу, кој излезе сам пред Јовчевски и рутински го совлада.
Пред крајот на првото полувреме домаќинот ја удвои предноста.
Одлична тимска акција на Работнички која на фантастичен начин ја заврши Димитар Трајков, со својот прв погодок во дресот на “романтичарите” за 2:0.
Во вториот дел, Работнички имаше потполна контрола на резултатот, а Пелистер се обиде да стори нешто повеќе, но без успех.
Во 75. минута, Флоријан Кадриу ги расчисти сите дилеми, со својот втор погодок, за конечни 3:0.
„Романтичарите“ по првата победа во шампионатот се на претпоследната 11 позиција со четири бодови.
Пелистер влезе во резултатска криза, го претрпе и третиот пораз во низа за моментно седмо место со шест бодови на табелата.
Во следното коло Работнички на 21 септември во градското дерби ќе му гостува на Вардар, а Пелистер два дена подоцна за ривал дома ќе го има Башкими.












