
ФОТОГАЛЕРИЈА | Прв академски час на студентите на УКИМ, најголем интерес оваа година има за Економскиот факултет
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска ги отвори вратите за нова генерација студенти, за сите вие кои верувате дека токму тука ќе добиете знаења, вештини и поддршка за да израснете во лидери кои ќе ја водат Македонија во 21 век. На вистинското место сте, во својата земја, на најстариот универзитет, каде професорите имаат одговори на сите ваши прашања и подготвени се вашиот ентузијазам да го насочат кон дисциплина и одговорност да изградите капацитети за живот во свет што брзо се менува, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Препорачано

Таа информираше дека оваа година на шесте државни универзитети се запишани 10 илјади студенти.

Изрази задоволство што студентите не заминале да студираат надвор, туку се определиле токму за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Министерката за образование и наука потенцира дека на располагање на студентите се 3.100 стипендии во повеќе категории, а постапките за аплицирање, како и оние за сместување во студентски домови, целосно се дигитализирани.

Таа изрази надеж дека студентите по завршување на студиите ќе останат во својата држава и дека тука ќе ја изградат својата семејна иднина. Според неа, тоа е единствениот пат што води кон просперитет на Македонија.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Билјана Ангелова соопшти дека УКИМ оваа година запиша 5.100 нови студенти од Македонија или за 300 повеќе од минатата година и уште 400 странски студенти кои се пријавени на факултетите на УКИМ.

-Она што посебно ќе ја одбележи оваа нова академска година на УКИМ е дигитализацијата. Новата генерација која денес почнува со студиите ќе биде целосно дигитализирана. Сите студентски сервиси се комплетно дигитализирани и јас оваа генерација можам да ја наречам електронски индекс генерација. Оваа генерација почнува со електронски индекс, а и сите кои веќе се запишани од оваа учебна година ќе го користат електронскиот индекс што значи комплетно сите услуги, сите сервиси за студентите се дигитализирани – рече Ангелова. Очекува дигитализацијата комплетно да биде завршена до крајот на оваа учебна година.
Таа информира дека најголем интерес оваа година има за Економскиот факултет, каде се запишани 707 студенти, за Медицинскиот факултет, за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Филозофскиот факултет, Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ.

Претседателот на Националното студентско тело Александар Николовски рече дека покрај стекнувањето знаења и дружењето, важно е да се вклучуваат во различни иницијативи од нивен интерес во студентските собранија и организации на факултетите.
-Професорите и целиот административен кадар на факултетот се вашите пријатели во процесот. Запомнете, не сте сами. Тука сме сите ние, вашите постари колеги, професорите, асистентите, администрацијата на факултетот, но и вашите другари и родители. Осмелете се да побарате помош кога ви е потребно – рече Николовски.