
ФОТО | „Зина“ дупка во асфалтот на неодамна реновираната улица „Христо Татарчев“
Од Градот велат дека за овој проект е надлежно Министерството за транспорт, кое со средства на Светската банка ја финансираше реконструкцијата на Христо Татарчев и додаваат дека поради долгата и повторувана санација на оваа главна улица, Министерството има поведено постапка против изведувачот за неквалитетна реконструкција.
Неколку недели откако заврши „историската“ поправка на улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода и нејзиното пуштање во целосна употреба, жителите на населбата и на општината повторно се соочуваат со сериозен проблем – пропадна асфалтот кај еден од пешачките премини, при што се појави дупка.
Препорачано
Просторот е веќе една недела заграден со лента и со неколку знаци за заобиколување на местото, но нерешавањето на овој проблем започнува интензивно да го зголемува сообраќајниот метеж и да ги „тенчи“ нервите на илјадниците возачи што со своите автомобили секојдневно поминуваат одовде, особено во попладневниот период додека трае сообраќајниот „пик“.

Долга реконструкција со неколку прекини
Санацијата на оваа улица сама по себе, според жителите, траеше премногу. Прва фаза, па втора фаза, па враќање назад кон првата, повторување на фазите, што ја остави улицата со години изгребана и ископана, а сообраќајот во целосен колапс.
„Слободен печат“ неколкупати информираше за овој проблем, за кој постојано беше алармирано до Општина Кисела Вода, но и до ЈП „Улици и патишта“ и до Град Скопје, во чија надлежност е оваа улица.
По неколку истакнувања на сериозноста на проблемот, работите почнаа да мрдаат од долгата градежна пауза и улицата повторно доби асфалт и делумно беше пуштена во употреба, земајќи предвид дека целосно беше ослободена од градежни возила, работници и знаци, што на некој начин им даде до знаење на возачите дека улицата е готова и подготвена за користење.

Сообраќајот се ослободи од преголемата заситеност на возила, но надлежните како да заборавија на пешаците, кои на неколку места во должина на оваа улица, која патем е долга речиси еден километар, останаа без ниту еден обележан пешачки премин.
Надлежните заборавија да „нацртаат“ пешачки премини на „Христо Татарчев“ – Слободен печат
Со ова сериозно се загрози сигурноста на пешаците, а голем дел од нив се основци што постојано движат во овој реон поради местоположбата на основното училиште „Круме Кепески“, или пак родителите што ги земаат своите најмили од детската градинка „8 Март“.
„Слободен печат“ особено ја потенцираше оваа ситуација со пешачките премини, но кратко потоа се воспостави дека имало „фалинки“ при реконструкцијата на „Христо Татарчев“, па затоа не биле обележани, по што одново беше раскопан дел од улицата и повторно асфалтиран.
Само што ја пуштија во употреба, се појави нов проблем
И сега, токму кога би помислиле дека улицата е целосно реконструирана и сигурна за возачите и уредно обележана со пешачки премини и знак за автобуските постојки, дел од неа пропадна.
На прашањето до ЈП „Улици и патишта“ зошто повеќе од една седмица не се санира овој проблем, туку само дупката е заградена од сите страни и се кочи сообраќајот, повторно наидовме на „преплет“ од надлежности бидејќи оттаму ни одговорија дека за решавање на овој проблем е ангажиран изведувач, но не знаеја точно дали тој е ангажиран од Општината или Градот.
– Ве известуваме дека оваа сообраќајница е под гаранција и изведувачот треба да го санира оштетувањето. ЈП „Улици и патишта“ – Скопје не ја вршеше реконструкцијата, подетални информации во врска со изведувачот на работите можете да добиете во општина Кисела Вода или секторите во Град Скопје – одговорија од претпријатието.
Од Општина Кисела Вода до моментот на објавување на овој текст, не добивме одговор околу санацијата на дупката, дали имаат излезено екипи на терен или до кога би бил решен овој проблем.
Од Град Скопје, пак, тврдат дека надлежноста е на Министерството за транспорт, кое со средства на Светската банка ја има финансирано реконструкцијата.
– Улицата Христо Татарчев ја реконструира Министерството за транспорт со средства од Светска Банка. Улицата за која е утврдено неквалитетно изведување градежни работи е во владение на Министерството за транспорт кое има покренато постапка за нивниот ангажиран изведувач за неквалитетната реконструкција – велат од Градот.
„Слободен печат“ на поставените прашања до Министерството зошто изведувачот не ја поправа дупката и дали е направен увид на местото, добивме одговор дека екипи на ЈП „Водовод и канализација“ се на терен за утврдување на причината за појавата на дупка, а воедно е и раскинат договорот со доскорешниот изведувач на овој проект, фирмата „Гама Градба“.
-Во однос на вашето прашање, Ве информираме дека претставници од Проектната единица во рамки на Светска банка – надлежна за имплементација на проектот “Подобрување на локални патишта во општините” како и Надзорниот орган, излегоа на терен и ја утврдија настанатата штета на улицата „Христо Татарчев“- министерството за транспорт.
Оттаму истакнаа дека во моментот се повикани на терен екипи на ЈП „Водовод и канализација“ при Град Скопје кои треба да ја проверат причината за настанатата штета и откако претпријатието ќе ја утврди причината за појавата на оваа дупка, во понатамошна постапка ќе се продолжи со санација и реконструкција на улицата.
Со оглед на должината на оваа улица и поради фактот што по неа минуваат жителите на голем број населби и општини како Припор, Усје, Пинтија, Сопиште и подалечните населени места, со овој нерешен проблем се директно или индиректно погодени поголем број граѓани, и токму поради тоа, неговото брзо решавање и пополнување на дупката е од огромна важност за повторно враќање на нормалниот сообраќаен тек во должина на коловозот и сигурност при движењето на пешаците.