Кој и да е надлежен, работите мора да продолжат: Два месеца нема автобуси по „Христо Татарчев“, улицата остана раскопана
Иако граѓаните бараат одговорност од Град Скопје, реконструкцијата на крајот од август ја најави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој тогаш нагласи дека продолжува градежната офанзива за обнова на патната инфраструктура низ општината.
Граѓани од Кисела Вода се жалат дека улицата Христо Татарчев два месеца стои раскопана, поточно со изгребан асфалт, без градежни работи и без најава ниту од Град Скопје ниту од Општина Кисела Вода кога повторно ќе биде во функција.
Жителите, особено повозрасните, особено се вознемирени затоа што по улицата повеќе не минуваат автобуси, па поради тоа мораат да пешачат и по половина километар до најблиската станица.
Реконструкција на улицата се изведува на потегот од бензинската „Мечкаров“ до кружниот тек на последната станица на автобусот со број 24, но досега освен што е изгребан асфалтот ништо друго не се случува па граѓаните прашуваат дали надлежните чекаат да дојде зима или ги чекаат локалните избори за да асфалтираат, посочувајќи дека ги „искршиле“ автомобилите по дупките, но наведуваат и други проблеми.
Дали некој воопшто помислил дека голем број деца од ОУ „Круме Кепески“ зависат од јавниот превоз, од автобус кој и онака го нема, а сега и воопшто не се движи на таа локација. Помислил ли некој како тие дечиња воопшто стасуваат на училиште, бидејќи и да сакаат да пешачат од Припор до училиштето нема тротоари. Госпоѓата градоначалничка најверојатно не ни знае каде работат нејзините служби и дали воопшто работат. Затоа барем Општината нека изврши притисок што е можно побргу да заврши работата, станува збор за должина од само 700 метри, што во нормална држава се завршува за ден-два – коментира Валентина, жителка на Кисела Вода.
Повозрасен граѓанин што реагираше во нашата редакција вели дека се обратиле во општината за да прашаат кога ќе продолжат градежните работи за конечно улицата да се асфалтира и да престанат нивните маки, но оттаму ги препратиле во Град Скопје со објаснување дека оваа улица е во градска надлежност.
Во чија надлежност е улицата Христо Татарчев, која претходно се викаше Сава Ковачевиќ, не е докрај јасно. Таа како Христо Татарчев е наведена на списокот на улици за кој е надлежен Град Скопје, а како Сава Ковачевиќ на списокот на улици за кои е одговорна Општина Кисела Вода. Но, ниту од една од овие две институции не одговорија на нашите прашања кој ја изведува реконструкцијата, кога ќе продолжи работата и кога ќе заврши реконструкцијата на улицата.
Градежните работи за реконструкција на 19 август ги најави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, што е необично доколку улицата ја обновува Град Скопје. Тој тогаш нагласи дека продолжува градежната офанзива за обнова на патната инфраструктура низ општина Кисела Вода.
Денес се наоѓаме на улицата Христо Татарчев, каде што ќе се врши целосна реконструкција на потегот од бензинската „Мечкаров“ до кружниот тек на последната станица на автобусот со бр.24. На површина од околу 7.000 квадратни метри дотраениот оштетен асфалт ќе се замени со нов, што значи и поудобен и побезбеден сообраќај. Би сакал да се заблагодарам на Светска банка и Министерството за транспорт и врски, кои ја препознаа и финансиски ја поддржаа нашата визија, што ја овозможи реализацијата на овој проект. Тој е дел од нашите заложби за темелна обнова на патната инфраструктура низ целата општина. Од општина во која улиците не беа санирани, реконструирани по 30, 40 и 50 години, креираме една нова слика за Кисела Вода, како општина во која повеќе нема да има неасфалтирана улица – посочи тогаш Ѓорѓиевски.
Еден месец потоа, Ѓорѓиевски информираше дека нов асфалт ќе добијат и четири краци на оваа улица, односно краците 1, 7, 9 и 11, кои, како што рече, со децении биле заборавени од минатите локални власти.
Инаку, веднаш штом почна реконструкцијата на Христо Татарчев, од ЈСП „Скопје“ соопштија дека поради градежни активности на улицата во Кисела Вода кај сервисот „Мечкаров“ линиите 13, 24, 58, 58а, 58б ќе бидат се пренасочени по булевар Борис Трајковски, кај Цементарница по улицата134, кон Кружниот тек во Кисела Вода. Пренасочувањето трае речиси два месеца.
Зошто во моментов ништо не се работи на улицата и кога ќе заврши реконструкцијата е одговорот што со нетрпение го чекаат жителите на Кисела Вода и кој локалните власти треба да им го дадат на своите граѓани. Независно од тоа кој е надлежен и кој ја извршува реконструкцијата, оти тоа граѓаните најмалку ги интересира. Ним им е најбитно повторно да имаат функционална улица и – автобуси.