
ФОТО | Запознајте го Боби, најстарото куче на светот: Вчера цело село го славеше неговиот 31 роденден, сопственикот ја откри тајната на долговечноста
Куче од Португалија во февруари го собори рекордот и ја освои титулата најстаро куче во светот, според Гинисовата книга на рекорди. Вчера во негова чест се одржа забава со повеќе од 100 гости за на вистински начин да го прослави својот 31 роденден.
Препорачано
Роденденската забава на Боби се одржa во неговиот дом во руралното португалско село Конкеирос во Леирија, западна Португалија каде го поминал целиот свој живот. Неговиот сопственик Леонел Коста вели дека тоа била „многу традиционална португалска забава“.
Настапила и танцова група, а во една од игрите учествувал и Боби. На забавата присуствувале повеќе од 100 луѓе, а голем дел од нив дошле специјално за оваа забава дури и од странство.
Боби, чистокрвен Rafeiro do Alentejo, португалска раса на овчарски кучиња, е роден на 11 мај 1992 година. Тој го собори рекордот за најстарото живо куче на светот, за кое до неодамна се мислеше дека е 23-годишниот Спајк, чивава од Охајо.
Спајк ја освои титулата само две недели пред откривањето на Боби. Недолго потоа, Гинисовата книга на рекорди доби докази за многу постариот Боби, кој не само што му ја украде титулата на Спајк, туку и го доби признанието за најстарото куче досега.
Претходниот рекорд го држеше австралиското куче Блуи, кој почина во 1939 година на возраст од 29 години и пет месеци.
Кучињата обично живеат само 10 до 13 човечки години. Мачките имаат малку подолг животен век, но не премногу – на пример, најстарата мачка во светот има 26 години.
Возраста на Боби е потврдена од неговиот ветеринар, како и од базата на податоци за домашни миленици што ја има португалската влада.

Боби е во сопственост на семејството Коста откако се родил во 1992 година во помошната куќа каде што складирале дрва.
Еден од неговите сопственици, Леонел Коста, кој тогаш имал само осум години, сега има 38.
Меѓутоа, таткото на Леонел одлучил дека не можат да ги задржат Боби и неговите тројца браќа, па планирал да ги закопа за да не преживеат.
Кога таткото на Леонел ги однел кученцата, не сфатил дека оставил едно зад себе. Дури кога ја забележале мајката на кученцата, Гира, како се враќа во домот, сфатиле дека едното ја избегнало тажната судбина.
Леонел и неговите браќа решиле да го задржат Боби, но тајно за да не дознае нивниот татко.
И покрај казната што ја добиле од родителите кои брзо ги откриле, тие успеале во својата мисија и Боби стана дел од семејството.
На прашањето како Боби е толку неверојатно долговечен, Леонел вели дека за тоа е виновна „мирната средина далеку од градот“.
Тие секогаш го хранат со истата храна што ја јадат и неговите сопственици, но ја натопуваат во вода за да ги отстранат сите зачини. Никогаш не јадел кучешка храна, а пие околу литар вода дневно.
Боби никогаш не бил врзан ниту ставен на поводник. Наместо тоа, тој можел слободно да шета по шумите и земјиштето околу имотот на семејството Коста.
Сега кога е постар, видот му слабее и претежно се движи низ куќата, дружејќи се со семејните мачки во дворот.
Откако ја освои титулата за најстарото куче на светот, Боби е во центарот на вниманието.
„Имавме многу новинари и луѓе кои доаѓаа од целиот свет за да се фотографираат со Боби. Доаѓаа од цела Европа, САД, па дури и Јапонија“, рекол Коста.
Загрижен дека тоа може да му предизвика стрес, Леонел го однел на преглед кај ветеринарот.
„Многу го фотографираа и неколкупати седнуваше и стануваше. Не му беше лесно. Здравјето му беше малку нарушено, но сега е подобро“, заклучил Коста.
Инаку, мајката на Боби, Гира, починала на 18-годишна возраст.