Фото: EPA/TERESA SUAREZ

ФОТО | За првпат во јавноста по 80 години: Портрет насликан од Пабло Пикасо оди на аукција, се проценува на 8 милиони евра

Уметничко дело од Пабло Пикасо, портрет на неговата партнерка и колешка уметница Дора Мар, ќерка на хрватскиот архитект Јосип Марковиќ, насликано во 1943 година и чувано во семејството на првиот сопственик од 1944 година, беше претставено во четврток во хотелот Друо во Париз, каде што ќе биде понудено на аукција на 24 октомври.

Ремек-делото, насловено како „Биста на жена со цветна шапка“, е масло на платно со димензии 80 на 60 сантиметри кое се проценува на околу осум милиони евра, но се очекува на крајот да се продаде за повисока цена, според Кристоф Лусиен, судијата на аукцијата задолжен за продажбата.

Пикасо ја насликал на 11 јули 1943 година, а во август 1944 година сликата ја купил дедото на сегашните сопственици, голем француски колекционер. Неговите наследници сакаат да ја продадат како дел од спор за наследство, пренесува „Ле Монд“.

„Непозната за јавноста и никогаш изложена освен во студиото на шпанскиот мајстор во Париз за време на германската окупација, оваа слика е навистина исклучителна и означува пресвртница во историјата на уметноста и во делото на Пикасо“, рекла Ањес Севестр-Барбе, експерт за сликите на Пикасо, на откривањето на делото.

Фото: EPA/TERESA SUAREZ

Инспирирана и од натурализмот и од кубизмот, таа ја прикажува Дора Мар, совладана од тага, но со хармонично лице, со цветна, шарена шапка, во моментот кога Пикасо ја остава за помлада жена, Франсоаз Жило. Пикасо и Дора Мар биле во врска од 1935 до 1943 година.

Автентичноста на делото ја потврди Фондацијата Пикасо, а овој портрет им бил познат на експертите и обожавателите на Пикасо само во црно-бела верзија и преку каталогот на неговите дела (официјален инвентар) во кој се споменува.

Фотографиите од Брасаи, пријател на Пикасо, направени во студиото на познатиот сликар во Париз, исто така сведочат за постоењето на сликата. Фотографиите беа презентирани на откривањето на делото во аукциската куќа во четврток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот