ФОТО + ВИДЕО | Мики Јовановски Џафер: И глас и стас

Мики Јовановски Џафер - Фото: Ангел Ситновски - Бојс

По повод 50 години од музичката кариера, минатиот викенд во сабота на 13 ти април во „Јавна соба“ во Скопје со почеток во 22 часот се одржа концерт на македонската рок и поп-икона Мики Јовановски Џафер а во придружба на своите пријатели музичари, прекалени рок и поп изведувачи кои беа стандардниот состав на бендот на Џафер; на тапани Бојан Јованоски, на бас Ѓоле Максимовски (во повеќе бендови има свирено одошто има години), гитаристи беа Драган Груевски – Груле („Свири Груле до сабајле“, „Лева патика“ итн.), Венко Серафимов (не е потребно додатно објаснување), на клавијатури младиот и надежен, тивкиот Александар Саше Никодиновски, единствениот и најкомплетен перкусионист АРСО, шампион за јужно американски и др. ритмови, кој вечерта ја остави својата пот на сцената, а пратечки вокали беа дамите Маја Саздановска и Јуле Карамитрова Огненовска.

Како гости во разни нумери продефилираа и со својата аура и музички настап го збогатија концертот на Мики – Никола Перевски – Пере (Нокаут) Рамиз Јусуфи – Цики клавијатуристот („Лева патика“), Димитар Божиков – Мичо („Меморија“ „Леб и сол“) Симон Киселички – клавијатури, Горан Кавраков – саксофон, Петар Георгиевски – Камиказа бас („Меморија“) и конечно Апостол Поце Икономов („Меморија“) со својот прекрасен глас.

Публиката беше видно одушевена од овој музички потфат на Мики Јовановски Џафер, бидејќи квалитетната музика некако остана на маргините на нашето општество и од таму потребата да се слушне и доживее нешто супер добро и инспиративно. На тоа не потсетија песните „Мики мој“ „Поведи ме“ „Одам на југ“ „Лага и измама“ „Под Пелистер“ итн. Џафер сè уште со својот вокал знае да го „сече воздухот како жилет“ а прекалената плејада музичари не заостануваа со својата изведба. Инспиративните солоа на Груле, брилијантната функција на ритам секцијата сочинета од Бојан на тапани, Ѓоле Максимовски на бас, со звукот и музицирањето на Венко Серафимов на својот Гибсон, одбраните бои на сајзерот на Саше а сѐ зачинето со пратечките вокали на Маја и Јуле, создадоа неповторлива атмосфера помеѓу публиката која унисоно ги пееше сите песни на Џафер. Концертот заврши со веќе евергринот „Сонце за три света“ изведена два пати; првиот пат песната беше изведена според аранжманот на авторот Винко Мишковски (оправдано отсутен) а вториот пат главниот пејач со помош на Џафер беше публиката. Фантастично доживување полно позитивни емоции.

Мики, видно еуфоричен и задоволен од презентираното ѝ се заблагодари на публиката за повеќедецениската поддршка и љубов, со ветување дека неговиот музички опус и во блиска иднина ќе биде збогатен со нови нумери. По долгите разговори и фотосесии со Мики и членовите на бендот – публиката повеќе од задоволна замина секој на своја страна, побогата за уште едно фантастично чувство на среќа, радост и сета. Браво Мики и компанија! Да се видиме наскоро на некој од следните концерти што се во најава.

Мики Јовановски Џафер – Фото: Ангел Ситновски – Бојс
Мики Јовановски Џафер – Фото: Ангел Ситновски – Бојс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот