
ФОТО | Украсуваме со Моника Ангеловски: Направете сами новогодишно перниче со куќички
„Секоја година кај нас има по нешто ново, претходните години бев фокусирана кон масивно купување новогодишни декорации, а годинава акцентот повеќе го ставивме кон „направи сам“ проекти и морам да признаам поинспиративно не сум се чувствувала одамна“, вели Моника.
Пред нас се новогодишните и божиќните празници, период во кој секој од нас сака да го претвори домот во бајковита идила. Елки, лампиони, светилки – колку поблескаво, толку позабавно. Речиси и да нема човек, без разлика на возраста, кој не се радува на убаво украсен простор.
Препорачано
Моника Ангеловски е архитект-планер и е една од најкреативните Македонки на социјалните мрежи, која секогаш воодушевува со своите „направи сам“ проекти, со кои го разубавува својот дом.
Специјално за нашите читатели, таа го сподели својот омилен проект годинава – новогодишно перниче со куќички и ни ја објасни постапката за неговата изработка. Па, земете ги четките и боите во раце и дајте им новогодишен шмек на здодевните перници во домот.
Вашите објави на социјалните мрежи се вистинска инспирација кога станува збор за уредувањето на домот. Но, што е тоа што Вам Ве инспирира?
– Ти благодарам многу за прекрасните комплименти. Морам да споменам дека по професија сум архитект. По природа сум креативна личност, а инспирација наоѓам буквално во сѐ и сешто. Кога уредувавме дома, сакавме ентериерот да е светол, со топли, пријатни бои и материјали, но пред сѐ, сакавме да одликува на дом.
View this post on Instagram
Пред нас се новогодишните и божиќните празници. Што е ново и актуелно кај празничното уредување на домот?
– Ова е за мене најубавиот период од годината веќе трета година, откако се роди ќеркичката и откако се вселивме во нашиот дом. Декември засекогаш ќе ме потсеќа на доаѓањето дома со мало бебе, во празничен амбиент. Уживам во празничното уредување и декорација и го обожавам амбиентот на новогодишните светилки. Секоја година кај нас има по нешто ново, претходните години бев фокусирана кон масивно купување новогодишни декорации, а годинава акцентот повеќе го ставивме кон „направи сам“ проекти и морам да признаам поинспиративно не сум се чувствувала одамна, а ќеркичката ужива во секоја активност што ја правиме заедно.
View this post on Instagram
Кој „направи сам“ новогодишен проект Ви беше најинтересен годинава?
– Имаме уште цел список што чека на ред да биде направен оваа година, но од досегашните направени, сега-засега, како најинтересен ќе го издвојам празничното перниче со куќички во кое се заљубив од прва кога го нацртав.
Дали може да ја споделите постапката со нашите читатели?
– Идејата дојде сосема спонтано. Имав купено малку памучно сурово платно, а идеја посебна што со тоа, во моментот немав. Постапката е едноставна, исеков два правоаголници од материјалот, димензијата во зависност од желбите, нашето е тесно, а долго, некаде 20 см на 45 см. На едното платно, тенко и со молив ја поставив и ја нацртав илустрацијата што ја замислив. Илустрацијата ја боев со четки и акрилни бои, а палетата на бои ја приспособив со мешање, да соодветствува кон другите новогодишни декорации и амбиентот во домот. Откако го комплетирав боењето, оставив на рамна површина да се исуши преку ноќ. Другиот ден рачно со конец ги сошив двата правоаголници од материјалот, позиционирани наопаку, од три страни. Навлаката ја исполнив со полнило од стара перница што не ја користевме и потоа ја дошив и последната, четврта страна. Навистина испадна прекрасно, а ќеркичката беше особено возбудена, затоа што заедно креиравме нешто!
View this post on Instagram
Бесплатни и евтини подароци кои ќе им ги разубават празниците на децата