
ФОТО | Тејлор Свифт ја продолжи турнејата: Одржа концерт во Лондон, под силно обезбедување
Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт во четвртокот ја продолжи својата турнеја „Ерас“ во Лондон, која обожавателите со нетрпение ја очекуваа откако минатата недела беа откажани нејзините три концерти планирани во Виена, кои беа цел на самоубиствен бомбашки напад.
Препорачано
Свифт го започна првиот од петте планирани концерти на стадионот „Вембли“ со својот хит „22“ облечена во маица со натпис „a lot going on the moment“ (многу се случува во моментот), очигледно мислејќи на турбулентниот период низ кој штотуку помина.
Заедно со настаните во Виена, концертите во Лондон доаѓаат две недели по смртта на три девојчиња во северозападна Англија, кои беа избодени до смрт додека учествуваа на час по танц за поп-музика.
Од почетокот на попладневните часови, стотици „Свифти“ се собраа околу стадионот „Вембли“, кој пречекува околу 90.000 луѓе на последните европски концерти од турнејата што ја започна пред речиси година и половина во САД.

„Тоа е лудо, нереално е“, рекла 23-годишната студентка Броди Мекартур.
„Чекањето на концертот беше мачно, но конечно сме тука“, додал 28-годишниот болничар Хуан Рамирез, кој дошол од Калифорнија за концертот. Тој призна дека се плаши дека американската ѕвезда ќе ги откаже и концертите во британската престолнина.
Минатата недела три нејзини концерти планирани во Виена беа откажани во последен момент, откако беше откриен планираниот самоубиствен напад на џихадистите при што три лица беа приведени. Лондонската полиција соопшти дека е подготвена за концертите, нагласувајќи дека контролата на билетите ќе биде засилена, заедно со дополнителни безбедносни мерки околу стадионот.
На веб-страницата на „Вембли“, сопствениците на билети беа предупредени дека на стадионот „пред влезот“ ќе бидат извршени „дополнителни проверки“.

Нејзините концерти во Лондон доаѓаат речиси две недели по убиството на три девојчиња во напад со нож во Саутпорт, северозападна Англија, што предизвика бран ксенофобични немири во земјата. Деца на возраст од шест, седум и девет години присуствуваа на час по танц на тема „песни од Тејлор Свифт“, која на социјалните мрежи изјави дека е „целосно шокирана“.
Би-би-си во четвртокот објави дека поп-ѕвездата, која одржува блиски односи со своите обожаватели, ги контактирала семејствата на жртвите по нападот. Сепак, таа сè уште не ја коментираше одлуката за откажување на концертите во австриската престолнина.
Поп-ѕвездата не ги разочара обожавателите на својот прв концерт во Лондон. Таа на сцената го донесе и англискиот изведувач Ед Ширан со кој изведе неколку песни на кои соработуваа.

Лондон ќе го заврши европскиот дел од турнејата што започна во мај во Париз. Глобалната ѕвезда потоа ќе отпатува во Канада на последните концерти во ноември.
На крајот на минатата година „Ерас“ стана првата турнеја во историјата на која биле продадени билети во вредност од повеќе од милијарда долари.
ФОТО + ВИДЕО | Восочна фигура на Тејлор Свифт претставена во Хамбург: Но дали личи на пејачката?