
ФОТО | Тамара Котевска за новиот филм „Силјан“: Приказната со штрковите беше толку силна што моравме да продолжиме со снимање
Новиот филм на македонската режисерка Тамара Котевска, „Силјан“, веќе го започна своето патување низ светските фестивали. Светската премиера се одржа во рамки на годинашното издание на Венецијанскиот филмски фестивал, во категоријата „Out of Competition“, каде филмот беше прогласен за најинспиративен на фестивалот. Потоа следуваше и американската премиера на Филмскиот фестивал во Торонто, а во меѓувреме пристигна и веста дека токму „Силјан“ е македонскиот кандидат за престижните награди Оскар, во категоријата за најдобар меѓународен филм.
Препорачано
На денешната прес-конференција, монтажерот Мартин Иванов нагласи дека заедничката работа со Котевска секогаш има хибридна форма.
„Не ми е првпат да работиме со Тамара во некаква хибридна форма. Никогаш кога седнуваме да работиме, што е и мој личен принцип на работа, не се ограничуваме на тоа дали станува збор за игран или за документарен филм. Секогаш нè интересира да ја раскажеме приказната најдобро што можеме и да биде што е можно поуниверзална, почовечка.
Сето ова што се случува околу ‘Силјан’ пријатно ме изненадува затоа што додека работам, не ги ни мислам овие работи. Така што, секој успех е добредојден како шлаг на тортата“, изјави Иванов.

Продуцентот Јорданчо Петковски откри дека филмот започнал сосема случајно, за време на пауза од снимањето на „Човек против јато“.
„Одлучивме да работиме заедно и да најдеме нешто што ќе нè одржи заедно, да не отиде секој по свој пат. Втората причина беше затоа што во сценариото за играниот филм се најде штркот Силјан, што за мене како продуцент беше првпат да се соочам со такво искуство. Досега сум снимал со мечки, волци и слично, но со штрк досега – не. Тамара кога ќе се фати за нешто, секогаш оди до крај. Таа го докажа тоа и овој пат. Па, така започна едно големо истражување за штрковите, што значат тие, што би значеле во играниот филм. Ни требаше една година да дојдеме до финансиери. Тоа беше тешка година, кога не знаете ни дали да продолжите со снимање“, изјави Петковски.

Режисерката Тамара Котевска додаде дека, исто како и „Медена земја“, и овој проект имал тежок почеток.
„Снимањето на филмот започна со премногу мал тим – јас, снимателот Жан Дакар, Мартин, Јорданчо. Поминавме една година без никакви сознанија за какво било финансирање и работевме со сопствени финансии и желба. Многу често луѓето мислат дека патот за филм е многу лесен, особено по ‘Медена земја’. Морам да напоменам дека воопшто не е така. Секој филм почнува од почеток, битката е иста, а притоа очекувањата се огромни. Беше навистина тешко да ја одржиме мотивацијата во оваа измината година бидејќи немаше ниту еден заинтересиран странски финансиер. Документарниот пазар е во голема криза, стримерите тотално го убиваат тој пазар. Така што, ние навистина не знаевме дали ова што го правиме е со некаква цел. Го доживувавме како некакво истражување за ‘Човек против јато’ и тоа ни даваше мотивација. Но, кога ја најдовме приказната со штрковите кои јадат на депонија, тука знаевме дека мора да продолжиме.
Не знам како се потврди, како непишано правило, дека кога ќе ти украдат материјал од документарен филм – секогаш излегува успешен. За жал, имавме лош инцидент со штета од околу 4.000 евра. Додека снимавме на ниви, во регионот на Чешиново, некој селанец ни го скршил прозорецот, ни го зел лаптопот, објективите. Изгубивме многу квалитетен материјал и тоа беше доста трагично за нас. Го доживеавме со многу нервоза и многу плачење. Беше многу тешко да се натераме да продолжиме и да истраеме во тоа. Можам да кажам дека искуството со ‘Медена земја’ ми помогна ментално да се износам со предизвиците. Неколку месеци живеевме во трејлери бидејќи местата на кои откривме дека има штркови, кои имаат околу 100 гнезда низ земјава и во Србија, се многу непристапни. И така седевме со саати и снимавме“, изјави Котевска.

Како што посочи Котевска, филмот бил замислен како документарен, а отпосле била додадена формата со народната приказна „Силјан штркот“.
„Оваа форма му го дава тој игран момент или играно чувство, меѓутоа филмот е чиста опсервација на штрковите и на земјоделците. Паралелата со Никола за мене како автор беше многу атрактивна, бидејќи тој е човек во транзициона фаза да почнат да работат на депонија, бидејќи имаат криза со земјоделието. Детално истражував за оваа паралела“, рече Котевска.
Режисерката откри декаа имаат кадри од штрково „торнадо“, односно движење во круг на јато од стотици штркови.
„Ни требаше многу време да можеме да се зближиме кога штрковите се во гнездо, бидејќи се плашеа од дронот, реагираа многу лошо, скокаа и беа заштитнички настроени. Но, ние посветувавме многу време на секое гнездо. научивме дека треба да ги следиме уште од кога ќе се испилат, а растат во рок од неколку месеци. Ние имаме неколку гнезда кои ги следевме од малечко штркче кое само што ќе се изведе, целиот процес како расте, како учи да лета, како полетува. Неколку гнезда се буквално израснати со нашиот дрон, тоа им е како мајка“, рече таа.