Цветан Гавровски, Кирил Штрков, Александар Кондев и Златко Теодосиевски / Фотографија: Небојша Гелевски

Фото сојуз на Македонија објави капитално монографско дело за македонската фотографија

Фото сојуз на Македонија на 30 јануари во КИЦ-Скопје ја промовираше монографијата „Современа македонска фотографија – Македонска фотографија 1945-2020“, капитално дело кое е единствено од ваков вид со увид во историскиот и креативен развој на фотографската уметност во Македонија.

Финансирана како Проект од национален интерес од Министерството за култура и спонзорирана од „Халк Банка“ – Скопје, монографијата „Современа македонска фотографија – Македонска фотографија 1945-2020“ претставува пресек на речиси 80-годишно творештво на автори-членови на Фото сојуз на Македонија.

Промоцијата на монографијата се одржа на 30 јануари во Културно-информативниот центар во Скопје, а промотори беа Кирил Штрков, Александар Кондев, Златко Теодосиевски и Цветан Гавровски. Истовремено со промоцијата беше отворена и изложба на автентични дела од Архивата на Фото сојуз на Македонија, а некои од фотографиите премиерно се претставуваат на пошироката јавност.

Во монографијата и на изложбата се застапени автори од калибарот на Цветко Иванов, Благоја Дрнков, Кирил Билбиловски, Лазо Величковски, Ѓорѓи Гога Попов, Живко Јаневски, Благоја Бањански, Александар Цветиновски, Александар Кондев, Владо и Лазо Плавевски, Билјана Јуруковски, Владимир Тодоров, па сѐ до Боро Рудиќ, Цветан Гавровски, Душан Доцевски, Валентин Малинов, Раде Луковиќ, Драги Неделчевски и, секако, помладата генерација фотоавтори.

Промоцијата и изложбата се одржаа во КИЦ – Скопје / Фотографија: Небојша Гелевски

За процесот на создавање на монографијата разговаравме со Кирил Штрков, кој е главен и одговорен уредник на ова капитално дело.

На чија иницијатива и со каква цел е објавена монографијата?

– Иницијативата за издавање на монографијата потекна уште во 2017-та година во Ровињ, по разговорот што го имав со Ива Просоли, кустос во Музејот на уметност и трговија од Загреб. Тие имаа издадено книга за развојот на фотографијата на Балканот во која беа опфатени сите соседни држави, освен Македонија и, чинам, Црна Гора. На прашањето дали постои пишано издание за македонската фотографија, или можеби некакви поопфатни записи кои би можеле да се искористат, мојот одговор беше – молк. Тоа ме убеди дека е крајно време (конечно) да се оствари идејата стара, можеби, повеќе од 40 години.

Со која цел е објавена монографијата е интересно прашање, иако чинам дека одговорот е видлив. Пред сѐ, заради зачувување на материјалот во еден посеопфатен зафат (како архивирање, дигитализација и безбедно складирање) како историска градба од вонредно значење за македонската фотографија во првиот чекор. Следствено, да се објават и претстават материјалите од Архивата на Фото сојуз на Македонија во монографија, како траен запис. Секако, и со цел зачувување на материјалот (и авторите) од заборав и нивно внесување во колективната свест за фотографската историја, визуелна уметност и следствено во македонската култура. На крајот, и да се привлече вниманието на македонската културна јавност за важноста на делувањето на Фото сојуз на Македонија и неговите автори.

Која е екипата што учествуваше во реализацијата на целиот проект?

– Главните протагонисти бевме јас, Александар Кондев и Златко Теодосиевски, и тука морам да ја нагласам извонредната соработка и позитивниот дух кој го следеше ова наше дело во создавање. Проф. Цветан Гавровски отстапи текст кој беше дел од една поширока анализа работена за Македонската академија за науки и уметности. За лектурата се ангажираше Елка Јачева Улчар, а графичкото уредување и внатрешниот дизајн на монографијата се на Катја Штркова Кочовска. Преводот од македонски на англиски јазик го направи Михајло Филиповиќ.

Секако, во процесот вклучивме и неколку институции кои помогнаа при скенирањето на материјалот, како НУ Конзерваторски центар Скопје и Управата за заштита на културното наследство (посебен ангажман имаше фотографот Сашо Димоски со скенирање на фотографиите). Министерството за култура и туризам го финансираше изданието како Проект од национален интерес, а спонзорство добивме и од „Халк Банка“ – Скопје.

Какво значење ќе има монографијата за фото уметноста во Македонија?

– Мое лично убедување е дека по ова издание на фотографијата, но и на авторите кои ги создадоа овие дела, секако и на градечката улога на Фото сојуз на Македонија, кој ја создаде оваа структура на вредности, им го дадовме вистинското место, а тоа е дека фотографската уметност е неодделив дел од културното наследство и богатство со кое слободно можеме да се гордееме.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 266, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.2.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот