
ФОТО | Ревизија го разоткри Министерството за образование и наука – милионски долгови, недовршени студентски домови и скапани учебници во магацини
Државниот завод за ревизија откри низа неправилности во работата на Министерството за образование и наука, меѓу кои и дека државниот студентски дом во Тетово, во кој се вложени милиони евра, е пуштен во употреба без технички преглед и без дозвола за користење.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) ја заврши ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на Министерството за образование и наука (МОН) за 2023 година. Резултатите од проверката се повеќе од загрижувачки – институцијата која управува со образованието покажува сериозни пропусти во речиси сите сегменти: од управување со капитални инвестиции, преку доделување стипендии и учебници, до ненаплатени долгови кои со години стојат „на хартија“.
Препорачано
Извештајот открива дека системот е оптоварен со недовршени градби, нефункционални објекти, хаотично спроведени јавни набавки и значајни финансиски ризици што ја загрозуваат ефикасноста на образованието.
„Утврдени се состојби, неправилности и неусогласености кои влијаат на издаденото неповолно мислење за реалноста и за објективноста на финансиските извештаи на сметката на основен буџет, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“, соопшти Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Ревизијата покажа дека Министерството за образование и наука повеќе од една деценија не презело никакви мерки за наплата или отпишување на студентските кредити доделени во периодот 1998–2010 година. Овие долгови се проценуваат на околу 18 милиони евра и сè уште стојат заведени во книговодството како „долгорочни кредити и позајмици дадени во земјата“.
Проблеми се утврдени и кај програмите за изградба и за реконструкција на училиштата. Како што наведуваат од Државниот завод за ревизија:
„Во однос на Програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта за 2023 година, утврдено е дека се реализирани без утврдени цели, приоритети и индикатори на успешност. Дополнително, не биле уреден начинот и постапката за распределба на буџетските средства, ниту, пак, критериумите врз основа на кои бил извршен изборот на проекти за изградба и реконструкција на училишни објекти“.

Студентскиот дом „Тетово“ пуштен во употреба без извршен технички преглед на градбата
Слабости се утврдени и кај капиталните проекти во високото образование. Така, државниот студентски дом во Тетово, во кој се вложени околу 3,45 милиони евра, е пуштен во употреба иако не е направен технички преглед и нема одобрение за користење. Дополнително, кујнската опрема во домот сè уште не функционира затоа што не е поставена потребната вентилација. Тоа значи дека и покрај потрошените средства, дел од објектот не може да се користи за својата намена.
„Во 2023 година, за стипендии на студенти, запишани на еден од првите 100 универзитети во странство, биле исплатени средства во износ од 179.852.000 денари (2. 920.000 евра). Со ревизијата беше утврдено дека не постои воспоставен систем за ангажирање на овие лица по завршувањето на студиите, со што не се обезбедува ефекасно користење на вложените средства за оваа намена“, се вели во соопштението на ДЗР.
Исто така, поради курсните разлики, во 2023 година бил исплатен поголем износ за уписнини за 66 студенти, во висина од 3.801.000 денари, бидејќи пресметката и исплатата не е извршена согласно договорите помеѓу МОН и студентите, односно уписнината била пресметана по курсот на денот на исплата, а не по курсот на денот на објавување на конкурсот. Во 2025 година се започнати активности насочени кон надминување на овие утврдени состојби.
Проект „500 книги“: 13 милиони евра потрошени, книгите стојат во магацин и дел се оштетени
Ревизијата откри сериозни недостатоци во реализацијата на проектот „Превод на 500 стручни и научни книги“, за кој државата од 2012 до 2021 година потрошила речиси 13,3 милиони евра. Наместо книгите да бидат дистрибуирани до државните институции и до факултетите, тие сè уште стојат во магацин.
Проверувачите утврдиле дека не се води евиденција за прием и за издавање на примероците, не е направен редовен попис, а условите за складирање се лоши. Како последица, дел од книгите се веќе оштетени од влага и од температурни промени.

Ревизијата откри нови слабости во работењето на Министерството за образование и наука. Според извештајот, проблеми има и во постапките за јавни набавки и во реализацијата на капиталните инвестиции.
Како проблематични примери се наведуваат државниот студентски дом во Тетово, средното стручно училиште „Ванчо Питошески“ во Охрид и основното училиште „Мирче Ацев“ во село Лажани. Сите тие биле дел од проект финансиран преку државниот буџет и заеми за изградба на 145 училишни сали и реконструкција на училишни објекти. Ревизијата забележува дека кај овие проекти недостасувале јасни процедури и критериуми, што довело до сериозни слабости во спроведувањето.
Учебници што се уредуваат по двапати
Ревизорите откриле дополнителен проблем и во набавките за учебници. Имено, учебниците на македонски јазик, иако еднаш биле графички и технички уредени, повторно се уредуваат по преводот на четирите јазици. За оваа услуга, цената по страница е дури и повисока од преводот и од лектурата.
Дополнително, економскиот оператор наплатувал по вкупен број страници, а не само за реално уредените, иако дел од ракописите веќе биле подготвени од авторите. Со тоа, буџетот се трошел несоодветно, а праксата, според ревизорите, се повторувала со години. Причината е што МОН дејствувало како издавач, иако нема регистрирана издавачка дејност. Дури со новиот Закон за учебници, донесен во јануари 2025 година, се воведуваат мерки за надминување на ваквите состојби.
Консултанти без контрола
Слабости се најдени и кај консултантските услуги во рамки на проектот за унапредување на основното образование, финансиран преку заем од Светска банка. Во услови на недостиг од јасни мерила и конкурентни понуди, ревизорите велат дека не можеле да утврдат дали исплатените надоместоци на консултантите се оправдани и дали услугите навистина ја обезбедуваат целосната вредност за вложените пари.
Факултетски градби што чекаат уште 22 милиони евра
Ревизијата открива дека парите за основните и средните училишта – таканаречените блок-дотации – се делат без јасни правила и критериуми. Тоа, според ревизорите, отвора сомнеж дали училиштата добиваат доволно средства за да работат нормално и навреме да ги плаќаат своите обврски.
Проблем има и со големите градби на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Факултетот за физичко образование и ФИНКИ добиле околу 2,9 милиони евра во периодот 2016–2019 година, но објектите сè уште не се завршени. За тие згради да се довршат ќе требаат уште речиси 22 милиони евра и најмалку3 години работа.
Министерството за образование и наука со повеќе тужби
Ревизорите предупредуваат и на потенцијални финансиски ризици поради повеќе тековни судски постапки во кои МОН се јавува како тужена страна.
Проблем се и исплатите за графичко и техничко уредување и превод на учебници, иако тие претходно веќе биле подготвени како материјали за учење и графички изгледале идентично. За вакви услуги во 2021 година биле исплатени околу 412.000 евра, а во 2022 година дополнителни 90.000 евра од буџетот.
Ревизијата укажува дека во законите не се утврдени јасни критериуми за тоа колкави треба да бидат платите на посебните советници во јавниот сектор.
Шест години без учебници по странски јазици
Дополнително, веќе шест години во основното образование не се обезбедени учебници по странски јазици. Според ДЗР, тоа директно влијае на квалитетот на наставата и го отежнува процесот на учење.
Ревизијата утврдила и дека системот на внатрешни контроли е слаб, особено во делот на плаќањата. Дополнителен проблем е и недоволната кадровска екипираност на Одделението за внатрешна ревизија, што го зголемува ризикот од неправилности и несоодветно користење на буџетските средства.
Ревизорите дадоа препораки до надлежните институции за преземање мерки и активности со цел подобрување на состојбата.