
ФОТО | Поранешната финска премиерка уживаше во ревијата на Викторија Бекам и направи легендарно селфи со Ана Винтур
Поранешната финска премиерка Сана Марин минатиот викенд беше на ревијата на британската модна дизајнерка Викторија Бекам во склоп на Модната недела во Париз. Ревијата на британската дизајнерка ја следеа бројни модни лица, како Ким Кардашијан, Крис Џенер, Памела Андерсон, Дејвид Бекам, Ева Лонгорија и Ана Винтур, со која Сана позираше за специјално селфи.
Препорачано

Сана Марин на ревијата на Викторија Бекам носеше фустан од оваа дизајнерка, а цената на тој модел е 1.024 фунти. Поранешната премиерка на Финска објави и серија фотографии од зад сцената на Инстаграм, а многумина го споредуваат нејзиниот имиџ со модна инфлуенсерка. На престижниот настан таа носеше и чанта дизајнирана од Викторија Бекам.

Сана Марин во 2019 година стана најмладата премиерка во историјата на својата земја, таа имаше 34 години кога ја презеде оваа функција. Претходно оваа година, таа се повлече од функцијата потпретседателка на централно-левичарската Социјалдемократска партија, откако нејзината партија ги загуби изборите во април. Потоа се приклучи на Институтот за глобални промени во Лондон, каде што работи како стратешки советник.
Во мај оваа година таа поднесе барање за развод од Маркус Раиконен, со кој беше во брак три години и со кој има петгодишна ќерка. Сана беше мета на критики поради начинот на облекување и фотографиите кои покажаа како ужива во забавите и во ноќниот живот.