ФОТО | Никогаш не е доцна за љубов: 100-годишник се ожени со својата 102-годишна партнерка, која ја запознал во дом за стари лица

Фото: Фејсбук/Сара Сичерман

Американците Берни Литман (100) и Марџори Фитерман (102) од Филаделфија се доказ дека никогаш не е доцна за почеток на нова љубовна приказна. Оваа симпатична двојка е во романтична врска речиси десет години, а се запознале во дом за стари лица. Една деценија подоцна, на 19 мај, тие го изговорија судбоносното „да“ во домот, истото место каде што се запознале, пренесе „Њујорк пост“.

Еврејскиот свештеник Адам Волберг ја водел венчавката и истакнал дека Литман и Фитерман, како пар, се разликуваат од сите останати двојки кои ги венчал во последно време.

„Повеќето од паровите кои ги венчав во последно време се запознале на апликции за запознавање. Јас навистина ги претпочитам старите начини на запознавање. На пример, живеете во иста зграда, налетувате еден на друг и љубовта се раѓа“, изјави свештеникот за време на свадбената церемонија.

Фото: Фејсбук/Сара Сичерман

Внуката на Литман, Сара Сичерман, открила за „Фокс њуз“ дека нејзиниот дедо и неговата сакана почнале да се забавуваат пред десет години.

Тие повторно ја нашле љубовта во подоцнежни години, откако претходно ги изгубиле своите долгогодишни партнери.

„Сите бевме воодушевени што најде со кого да прави активности и да поминува време“, рече таа.

Фото: Фејсбук/Сара Сичерман

Нивната врска продолжила да расте со текот на годините, изјави Сичерман. Таа рече дека двајцата биле „толку среќни што си се нашле и си биле поддршка еден на друг, особено за време на пандемијата“.

Со оглед на нивната поодмината возраст, повеќето од семејството на Литман не мислеа дека тој повторно ќе сака да се ожени. Литман бил во 65-годишен брак со неговата покојна сопруга Бернис; заедно имаа две деца, четири внуци и девет правнуци.

„Одлуката да се земат беше вистинско изненадување за нас. Ние мислевме дека тие ќе ги одживеат нивните денови како и досега – во статус кво“, изјави внуката на Литман.

Фото: Фејсбук/Сара Сичерман

За време на венчавката, свештеникот Волберг потенцирал дека не треба да им ги дава вообичаените совети кои им ги дава на младенците, велејќи дека и двајцата веќе имаат собрано животно искуство и мудрост, а нивните ставови, чувства и мислења се прилично добро формулирани во овој момент.

 „Тоа не значи дека нема да продолжите да учите и да се развивате како луѓе“, рече тој.

„Не знам дали некогаш замислуваше дека ќе најдеш љубов повторно откако Морис си замина од овој свет“, ѝ рече свештеникот на Фитерман, алудирајќи на нејзиниот долгогодишен сопруг кој почина во 1999 година. „Но, тогаш се појави Берни и ти сфати дека некој неверојатно посебен дошол во твојот живот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот