Тимчо Муцунски и Марта Кос / Фото: Фејсбук

ФОТО | Муцунски-Кос: Реформите поврзани со евроинтеграциите остануваат високо на домашната политичка агенда

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во рамки на дводневната работна посета на Брисел, имаше средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос.

Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски и Кос ја нагласиле силната поддршка за проширувањето на Унијата, и од страна на земјите членки и од страна на граѓаните на Северна Македонија, за што се потврда и наодите од последниот „Евробарометар“.

Тимчо Муцунски и Марта Кос во Брисел/ Фото: Фејсбук

„На средбата беше поздравен реформскиот пристап на Владата, особено исполнувањето на обврските од реформскиот процес и имплементацијата на Планот за раст. Министерот Муцунски нагласи дека реформите поврзани со евроинтеграциите остануваат високо на домашната политичка агенда, со силен фокус на владеењето на правото и борбата против корупцијата“, се вели во соопштението.

Муцунски изразил благодарност за личниот ангажман на еврокомесарката Кос во пристапниот процес, особено во контекст на нејзиното учество и поддршка на Самитот за Планот за раст, што неодамна се одржа во Скопје.

Двајцата разговарале и за неодамнешното приклучување на државата кон СЕПА, како и за иницијативата за постепено укинување на роаминг трошоците помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа иницијатива се очекува на почетокот на 2026 година, како дел од бенефитите на постепената интеграција во Унијата.

На средбата била потврдена заедничката поддршка за Украина и заложбата за што побрзо постигнување на праведен и одржлив мир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот