Фото: Facebook

ФОТО | „Му благодарам на Бога што ми даде втора шанса“: Гитаристот на ДНК Горан Тонев денеска е пуштен од болницата во Солун

По точно два месеци поминати во болница, откако се здоби со тешки повреди во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ поради кој животот го загубија 63 лица, гитаристот Горан Тонев денеска беше пуштен од болница, по што веднаш се огласи на социјалните мрежи.

Тој на својот Фејсбук објави фотографија од персоналот кој се грижеше за него, а воедно се заблагодари и на целиот лекарски тим во Солун, Скопје и Кочани, благодарение на кој сега живее втор живот.

– Му благодарам на Бога што ми даде втора шанса, му благодарам на целиот персонал од болницата, Папаниколау“-Солун за неизмерната грижа и нега која ми ја пружија. Исто така сакам да се заблагодарам и на персоналот во Кочани и Скопје. Голема благодарност за сите мои роднини и пријатели коишто се молеа за мене. Моите чувства се измешани, колку што сум среќен толку сум и тажен за штетата на сите деца, а посебно за моите драги колеги и другари. Сочувство за сите фамилии – напиша Тонев.

Потсетуваме, меѓу 63-те жртви во страшниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани кој се случи на 16 март беа и членовите на бендот „ДНК“, пејачот Андреј Ѓорѓиески, придружниот вокал Сара Пројковска, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, пијанистот Филип Стевановски, битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо, тонецот Игор Велков и официјалниот фотограф на „ДНК“, Александар Ефремов.

Горан заедно со Панчо и придружниот вокал Ана Костадиновска, се единствените преживеани од групата „ДНК“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот