
ФОТО | Јелена Розга за концертот во Охрид: „Сè е толку убаво спакувано, ќе биде волшебна вечер“
Во топла и ведра атмосфера, денеска во хотел „Мериот“ во Скопје се одржа несекојдневна средба со хрватската поп-ѕвезда Јелена Розга. Наместо класична прес-конференција, пејачката приреди неформално дружење со новинарите, во кое Розга покажа зошто ја обожаваат низ целиот регион.
Препорачано
Причината за посетата на Скопје е најавата на нејзиниот голем концерт, закажан за 29 јули на охридскиот Антички театар. Настанот, како што рече самата Розга, ќе биде вечер исполнета со „емоции, музика и магија“, со настап во живо во придружба на симфониски оркестар.
„Такви ми беа и концертите во Белград, но кога ќе го видов тоа прекрасно место во Охрид, само реков: ‘И тука одиме со истата приказна’. Со симфониски оркестар, со преубави аранжмани, со прекрасни песни. Сè ни е толку убаво спакувано,“ откри пејачката.

Таа додаде дека на концертот нема да има гостински настапи, бидејќи сака максимално да ѝ се посвети на својата музика:
„Нема да имаме гости на концертот бидејќи сакам да испеам што е можно повеќе мои песни. Многу често добивам пораки после концерти: ‘Зошто не ја испеа таа песна?’. Јас би пеела сè, но тогаш концертот би траел предолго. Не треба ни да се претерува“, рече таа низ смеа.

На прашањето како успева да остане мотивирана и посветена на тоа што го работи, и покрај притисокот од јавноста, Розга сподели:
„Пред сѐ, навистина е потребно да се окружите со добри луѓе и да ја тргнете негативната енергија околу себе. Како што знаете и самите, има добри и лоши луѓе. Јас ги делам луѓето само на тој начин. Затоа се обидувам да се окружам со добри пријатели. И денеска чувствувам убава енергија од вас и тоа ми е најважно.
Ми треба само мојот одличен тим и, секако, публиката која ми дава неверојатна енергија. Кога ме прашуваат како издржувам два часа на штикли и од каде добивам толку енергија… јас многу спијам, многу одмарам, но и поддршката од публиката ми е многу значајна да си верувам дека можам“, изјави таа за „Слободен печат“.
Билетите за концертот на Јелена Розга во Охрид се веќе пуштени во продажба преку платформата yournextevent.info, а цените се движат од 1500 до 2200 денари, во зависност од местоположбата.