Фото: Инстаграм/Александра Јанева/Едина Муса/Антониа Гиговска

ФОТО | Изговорија „да“: Македонските познати личности кои направија свадби во 2024 година

Изминатата година беше исполнета со љубов, романтика и незаборавни моменти за многу македонски познати личности. Од интимни церемонии до гламурозни свадби, тие ја споделија својата среќа со блиските, но и со јавноста.

Некои од нив ги изненадија своите следбеници со објавата за венчавка, додека други поголго време ја подготвуваа долгоочекуваната прослава.

Денеска ќе се потсетиме на македонските познати личности, кои во 2024 година го изговорија судбоносното „да“ и ги започнаа новите животни поглавја со своите сакани.

Антониа Гиговска и Роберт Спасенцовски

Македонската пејачка Антониа Гиговска и музичарот Роберт Спасенцовски стапија во брак минатата година, но во март годинава направија голема свадбена прослава со семејствата и блиските пријатели и соработници.

Младата невеста блесна во венчаница од ателјето на Моника Коцарева, а за шминката и фризурата се погрижи нејзиниот долгогодишен пријател Даниел Николовски. Младоженецот, пак, остана доследен на својот стил и се облече во бела маичка, црн костум и бели патики.

Двојката направи свадба со сите традиционални адети, а вечерната забава ја направија во еден скопски ресторан.

Првиот свадбен танц го одиграа на романтичната песна од Оливер Драгојевиќ – „У мом загрљају“.

Фото: Инстаграм/Антониа Гиговска

Софија Јанева

Инфлуенсерката Софија Јанева ја имаше една од најубавите свадбени прослави годинава. Таа се подготвуваше за овој посебен ден цела година, уште од моментот кога нејзиното тогашно момче Виктор ја запроси, и редовно ги известуваше своите бројни следбеници на социјалните мрежи за сите детали од процесот.

Прославата се случи во една позната локација за свадби во Скопје, а младенците имаа неколку уникатни моменти на овој посебен ден – сладолед како десерт, огномет како изненадување за гостите, персонализирани подароци за сите присутни и дигитална галерија со фотографии од свадбата.

Сепак, она што беше најинтересно е дека Јанева смени две венчаници за време на свадбата. Првата беше креација со длабок шлиц, впечатливо деколте со бисери и вел на кој беше извезена пораката „Bound by love, fueled by adventure“ („Поврзани од љубов, поттикнати од авантура“). Втората, пак, беше фустан со сентиментално значење за невестата – истиот фустан којшто го носела мајка ѝ на нејзината свадба пред 30 години.

Фото: Инстаграм/Софија Јанева

Александра Јанева и Игор Ангелов

Пејачката Александра Јанева и ракометарот Игор Ангелов направија голема и традиционална свадба во август годинава. Ти ги испочитуваа сите свадбени адети – младоженецот ја зема невестата од нејзиниот дом, па со развиорено знаме и весела музика го заиграа орото пред куќата на пејачката во Струмица.

Јанева важи за една од најубавите пејачи од новата генерација, а за најважниот ден изгледаше како принцеза од бајките – во бела долга венчаница без ракави, во раскошен стил, надополнет со долг бел вел и романтична фризура.

Да потсетиме, Јанева му кажа „да“ на нејзиното долгогодишно момче во ноември минатата година, за време на нивното романтично патување во Париз, Франција.

„Се запознавме преку заеднички пријатели, но љубовта се роди подоцна, кога двајцата почнавме да комуницираме сами, без посредници. Уште пред да се запознаеме, тој имал плејлиста на неговото УСБ во автомобилот со неколку мои песни и се уверив дека ги знае и ги сака повеќето мои песни по нашето запознавање. И двајцата сме си голема поддршка еден на друг, се мотивираме заеднички, ги славиме заеднички нашите успеси, но и заеднички се тешиме кога нешто не оди според планот“, раскажа Јанева во интервју за „Слободен печат“ пред неколку месеци.

Фото: Инстаграм/Александра Јанева

Ведрана Ѓорѓевиќ

Ведрана Ѓорѓевиќ и Ендру Мелер, чие вистинско име е Андрија Антиќ, се венчаа неколку месеци откако диџејот ѝ приреди романтично запросување на водителката на Занзибар.

Двојката направи интимна венчавка, на која присуствуваа само членовите на семејството и најблиските пријатели.

Ѓорѓевиќ се одлучи за едноставна венчаница, која ја следи линијата на нејзиното тело, а Антиќ облече ленена кошула и бели панталони.

Фото: Инстаграм/Ведрана Ѓорѓевиќ

Едина Муса и Александар Димитровски – Мачка

Кошаркарката Едина Муса и кошаркарот Алексадар Димитровски – Мачка споделија дека ќе станат родители на нивното прво заедничко дете во септември годинава, а на крајот од минатиот месец стапија и во брак.

За изгледот на невестата се погрижи Арменд Рамадани, кој целосно ја истакна нејзината убавина. Таа се одлучи за тесна венчаица, која го истакна нејзиниот труднички стомак, а Мачка се облече во класичен црн костум.

Тие направија прослава во познат скопски локал, а песната за првиот танц им ја испеа пејачот Павле Камилоски.

Фото: Инстаграм/Едина Муса/Фотографија „Џоле“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот