
ФОТО | Интервју со Симона Поповска, поп-пејачка: Медицината ме држи приземјена, а музиката ми дава крила
Во интервју за „Слободен печат“ разговараме со Симона Поповска, поп-пејачка, докторка, мајка… по малку од сè.
Поповска ни открива повеќе за своите нови инспирации, секојдневните предизвици, малите ритуали, домот, семејството, децата. Симона искрено зборува за животот зад сцената и што навистина значи да се најде вистинскиот баланс меѓу музиката и медицината.
Препорачано

Летото е време за одмор, но и за креативност – како изгледаше твоето лето оваа година? Имаш ли нови идеи или проекти?
– Летово беше мешавина од семејни моменти и креативни искри. Имав време со децата на море, но паралелно и работа. Секој пат кога патувам или менувам средина добивам нови идеи – овој пат ми дојдоа инспирации особено за музика, па работам на тоа.
Кога би можела да се вратиш на самиот почеток на кариерата, што би си порачала себеси како млада девојка која првпат зачекорува на сцената?
– И да можев да се вратам на почетокот, не би менувала ништо. Дури и моментите на незнаење, падови или грешки, сите тие ми беа лекции. Отсекогаш сум знаела дека уметноста бара храброст, а сè што е искрено и од срце, секогаш ќе си го најде патот.

Музиката и медицината бараат огромна посветеност и дисциплина. Кој е најтежок момент кога си морала да избереш едното пред другото?
– Искрено, тоа е секојдневна дилема. Имало моменти кога сум морала да одбијам настап поради медицината и обратно. Но верувам дека и двете страни ме надополнуваат, медицината ме држи приземјена, а музиката ми дава крила.
Како реагира твоето семејство кога првпат ќе ја слушне некоја нова песна? Кој ти е најискрен критичар?
– Секогаш прво ја пуштам дома. Најискрен критичар ми е татко ми. А децата се првите што ја „тестираат“ емоцијата. Ако Никола и Стефан запеат или заиграат, знам дека сум ја погодила на некој начин вибрацијата.
Мајчинството ти дава нова перспектива, дали твоите синови те инспирирале за некоја песна?
– Да, тие ми дадоа нова енергија и чувствителност. Иако песните ми се повеќе љубовни и артистички, мајчинството ми донесе длабочина во интерпретацијата. Кога пеам за љубов, сега мислам и на безусловната љубов што ја чувствувам кон нив.
Дали си строга мајка и што научи ти од твоите деца? Како е кај вас дома и како балансираш со мајчинството и кариерата?
– Да, по малку, но многу сум и емотивна. Учам од нив трпение и едноставност, тие ме потсетуваат колку радоста е во малите нешта. Но, сакам и се трудам да ги израснам во добри луѓе кои ќе знаат да ги ценат вистинските вредности. А, балансот е предизвик, но со добра организација и поддршка дома, успевам да бидам и мајка и жена што ја следи својата професија.

Кој ти е најголемата поддршка?
– Семејството, пред сè, и, нормално, мојата публика, бидејќи секој нивен позитивен коментар и аплауз е потсетник дека вреди!
Секогаш изгледаш негувано на сцена. Имаш ли некој мал ритуал без кој не излегуваш од дома?
– Без добар хајлајтер – никаде. И секако, парфем, чувството на свежина и препознатлив мирис ме прават подготвена за денот.
Што е она што задолжително го носиш во чантата, твој „женски must-have“?
– Освен клучеви и телефон, секогаш имам спреј за дезинфекција на раце, палома, мастики, шнола за коса, сјај за усни, огледалце и парфем. Тоа ми се моите мали тајни оружја дури и кога сум уморна, мојот омилен парфем ме потсетува на себе и ми ја враќа енергијата.

Во јавноста веројатно треба да изгледаш самоуверено, но имаш ли денови кога не си задоволна од својот изглед? Како тогаш си ја враќаш самодовербата?
– Секако, и јас имам денови кога не се чувствувам најубаво. Но, не поради физичкиот изглед, повеќе заради енергијата што ја зрачам. Се водам по тоа дека убавината доаѓа од внатре. И кога ми се случуваат тие моменти, едноставно пуштам музика, ги гушкам децата и почнувам да размислувам: „Што и да е – ќе помине“. Тоа веднаш ме исправува и ми ја враќа самодовербата.
Ако не беше пејачка и докторка, само жена што сака да ужива – каков стил на живот би си одбрала?
– Уф, не би можела ни да се замислам. Јас сум човек кој сака да има обврски. Така што, повторно би нашла начин да се занимавам со нешто креативно, на пример, пишување. Секогаш ми било важно да изразувам емоција и уметност, без разлика на формата.