Фото: Profimedia

ФОТО | Инспирацијата на Агата Кристи: Историскиот луксузен воз „Ориент Експрес“ помина низ Балканот

Историскиот луксузен воз „Венеција-Симплон Ориент Експрес“, кој ја инспирираше Агата Кристи за романот „Убиство во Ориент Експрес“ (Murder on the Orient Express), повторно помина низ Балканот на своето есенско патување.

Композицијата тргна од Париз, а низ пет дена патување минуваше преку Будимпешта, романската Синаја со замокот Пелеш, Букурешт, за потоа да пристигне и во Варна, каде што гостите уживаа во престојот на бугарското црноморско крајбрежје. Од таму возот продолжи кон Турција и влезе преку Одрин.

Фото: Esra Bilgin / AFP / Profimedia

Поради ремонтни работи на граничната станица Капикуле, патниците и екипажот не извршија пасошка контрола таму, туку беа прегледани во Одрин, каде што беа пречекани со музика, а багажот по проверка бил испратен со камиони до хотелите во Истанбул.

Според службеникот на возот Франческо Бонато, ова е второ патување на линијата годинава, но прво во есенскиот период. „Патуваме со 71 гостин и 40 членови на персоналот во 16 вагони. Рутата е богата со пејзажи и културни дестинации,“ рече тој, додавајќи дека Истанбул останува една од најпосакуваните станици.

Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Меѓу патниците беше и Германката Кирстен фон Хелдорф, која четврти пат патува со возот: „Секогаш е прекрасно искуство. Овој пат уживавме и во Варна, а сега со нетрпение чекам престој во Истанбул“.

Нејзиниот сопруг Ханс за првпат се качил на возот и го опиша патувањето како незаборавно: „Видовме многу нешта за овие пет дена, а Истанбул е секогаш ново доживување“.

По престојот во Истанбул, возот на 3 октомври ќе тргне назад кон Париз, заокружувајќи уште една луксузна рута низ Балканот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот