
ФОТО | Хусеиновиќ го освои ИТФ турнирот во Скопје, Алексовски со два пехари во Улцињ
Викендов што измина донесе успешни настапи на младите македонски тенисери, а како победници своите настапи ги завршија Амар Хусеиновиќ и Марко Алексовски.
Препорачано
Хусеиновиќ триумфираше на Ј60 Скопје ИТФ турнирот што се играше на терените на ТК Југ (турнир за играчи до 18 години).
Хусеиновиќ откако во првото коло беше слободен, во второто го победи Романецот Алберт Јонут со 2:1 во сетови 6:7 (5), 6:0 и 6:0. Во следната рунда го совлада Алекса Постиќ од Србија (6:2, 6:3), а во четвртфиналето беше подобар и од Стефан Ѓоковиќ од Црна Гора (6:3, 6:3). За пласман во финале имаше два исцрпувачки сета кои ги доби со 7:5 во гемови за победа над Милан Радојчиќ од Србија со 7:5 и 7:5, додека во финалето триумфираше против Матија Путиќ од Србија со 62 и 7:5.
Од другите македонски тенисери на овој турнир четвртфинале во сингл и во дубл играше Кристија Јанев, додека Ерион Незири беше четвртфиналист во сингл конкуренцијата. Кај девојчињата на чекор до финалето во двојки беа Јана Божиновска и Катја Ивановска, кои беа елиминирани во полуфиналето со 2:1 во сетови од првите носителки и победнички на турнирот.
Двојна победа на ИТФ турнирот (категорија 2) во Улцињ, Црна Гора, „Чунгу опен 2025“ постигна Марко Алексовски. Во поединечна конкуренција во финалето беше подобар од Швајцарецот Николас Панусопулос (6:4, 6:2), а во двојки заедно со Сергеј Артемев ги победија во финалето Лори Да Силва од Франција и Арбер Дано од Албанија со 6:3 и 6:1.
Тениските возбудувања во Скопје продолжуваат и оваа недела каде на терените на ТК Поинтер се игра турнир за тенисери и тенисерки до 18 години.
