
ФОТО | Голем успех: Македонската дизајнерка Марија Роглева освои второ место на европската награда за млади дизајнери „Пјер Карден“
Во импресивниот амбиент на Божиќниот театар во Атина, на 4 октомври се одржа големото финале на престижната европска награда за млади модни дизајнери под покровителство на модната куќа „Пјер Карден“.
Препорачано
Македонската студентка Марија Роглева од Факултетот за арт и дизајн го освои второто место, пласирајќи се меѓу петте најуспешни учесници во конкуренција на над 450 млади дизајнери од различни европски земји.

На финалната ревија настапија тринаесет финалисти, секој со сопствена креативна визија. Тројцата добитници на првата награда ќе имаат можност да реализираат четиримесечна пракса во студиото на „Пјер Карден“ во Париз, додека втората награда, што ја доби и Роглева, вклучува статуетка и диплома. Наградите на победниците им ги врачи лично Родриго Базиликати – Карден, претседател на групацијата „Пјер Карден“.
Во Атина, Марија ја придружуваше проф. д-р Гордана Вренцоска, нејзин ментор, со која заедно ги подготвуваа креациите за финалето. Тие имаа можност лично да поразговараат со претседателот на куќата Карден и да му се заблагодарат за поддршката што брендот ја дава на младите таленти.

Во рамки на свечената вечер беше изведена мултимедијална балетска претстава „Танц на галаксиите“, по што следеше модна ревија на висока мода на брендот „Пјер Карден“.
Настанот го проследија повеќе од 1.500 посетители, меѓу кои и бројни новинари и уредници од европските модни медиуми.