
ФОТО: Гнасотија, ѓубре и смрдеа под Камениот мост, неопходно е комуналците да поработат
Ужасна глетка го пречекува секого што ќе се осмели да погледне под Камениот мост од страната преку Вардар, односно од кај плоштадот „Филип Втори“.
Препорачано
Местото е претворено во јавен тоалет од каде се шири смрдеа на сите страни, а ѓубре од секаков вид, очигледно долго време неисчистено, е наталожено под првиот лак на мостот и околу него. И во целата таа загрижувачки нечиста средина, сместени се бездомници, сосе ќебиња и перници.

И ако скопјани веќе ништо не може да ги изненади кога е нехигиената на градот во прашање, ова навистина ги надминува сите нивоа на негрижа и на неработење на градските служби. Станува збор за најцентралното градско подрачје од каде води патот кон Стара чаршија и од каде минуваат илјадници туристи, кои ќе има што да раскажуваат кога ќе се вратат во своите земји – за убавините и гнасотиите на Скопје.

Па затоа јавно прашуваме – дали вработените во „Комунална хигиена“ на овој плоштад го чистат само просторот што се гледа? Ѕирнале ни некогаш да видат што се случува под мостот?
Едноставно е неразбирливо како може да се дозволи ваква состојба. А ако не знаеле и не виделе, еве ние им посочуваме каде е неопходно потребно итно да исчистат.

