
ФОТО | Девојчето кое само преживеа две недели во шума во Сибир и стана Мис, денес не сака да биде во центар на вниманието
Поминаа 10 години откако спасувачите наидоа на преплашената петгодишна Карина Чикитова, која се изгуби и преживеа во сибирската пустина полна со волци и мечки.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Нејзиниот лик се најде на насловните страници на светските медиуми по спасувачката акција која траеше 12 дена, а оттогаш за нејзината „авантура“ се напиша книга за деца и е снимен игран филм.

За Карина Чикитова цел свет слушна пред 10 години, кога таа скоро две недели сосема сама ги помина во шума, успевајќи некако да ја преживее сибирската дивина полна со волци и со мечки. Ова „шумско дете“ повторно дојде во центар на вниманието пред пет години бидејќи ја освои првата награда на рускиот избор за детска мис. Карина својот десетти роденден го прослави со титулата Мини Мис на Јакутија.

Во 2014 година ова девојче, кое живеело со мајка ѝ во Сибир, решило да го посети татка си во соседното село. Бидејќи и претходно одела сама, никој не се грижел поради тоа. Меѓутоа, татко ѝ не бил тука, а девојчето се обидело да го најде и притоа се изгубило во бескрајните сибирски шуми, каде што и возрасните одат вооружени бидејќи се полни со волци и со мечки. А девојчето со себе понело само едно куче.

Нејзините родители биле избезумени кога ќерка им исчезнала и започнале потрага со мештаните. Најлошо од сè било што температурите преку ноќта паѓале под нулата. Без нигде никого, само во друштво на своето куче, Карина успеала да преживее 12 дена во шумата.
Додека чекала помош, спиела во густата трева и јадела шумски плодови. За чудо преживеала во далечната руска тајга, не знаејќи дека е започната спасувачка операција.
На крајот, кучето ја одвело специјализираната служба до местото каде што се криела Карина.
„Седеше во тревата сосема тивко. Не ја ни видов, таа ме виде мене и ги пружи рацете. Ја подигнав, беше толку мала. Не носеше чевли. Нејзиното лице, рацете и нозете беа крвави од убодите на комарците“, рекол тогаш спасителот кој ја нашол.
По укажаната лекарска помош, Карина рекла дека е жива благодарение на нејзиното куче.
„Наида ме спаси. Бев многу исплашена. Навечер ме гушкаше и ми беше топло. Спиевме заедно“, откри таа.
Карина била возбудена кога победила на изборот за Мини мис на Јакутија и рекла дека кога ќе порасне сака да стане балерина.
„Сакам да станам балерина и да играм во „Лебедово езеро“. Веќе научив да свирам клавир“, рекла Карина за медиумите.
Но кога наполни 14 години, се согласи на интервју за руската државна телевизија, каде што откри дека и покрај нејзиниот талент за танцување, не сака да се занимава со тоа. На изненадување на гледачите, рече дека сака да стане лекар.

Водителот ја праша Карина дали се сеќава на голготата низ која поминала како петгодишно дете, а таа одговори негативно.
Нејзиното најрано сеќавање датира од прво одделение, кога имала седум години.
„Имаш 14 години, а веќе си легенда, ѕвезда. Имаш свој споменик. Како се чувствуваш за тоа?“, ја праша водителот, а Карина одговори: „Не сакам внимание“.
