Фото: Инстаграм/Бенкси

ФОТО | Бенкси со нов мурал на ѕидот на Кралевскиот суд на правдата во Лондон

Познатиот уличен уметник Бенкси наслика нов мурал на ѕидот на Кралевскиот суд на правдата во центарот на Лондон. Делото прикажува судија со традиционална перика и во црна одора како удира демонстрант што лежи на земја, при што крв прска врз транспарентот што тој го држи.

Иако муралот не се однесува на конкретен настан, се појави само два дена по апсењето на речиси 900 лица во Лондон за време на протест против забраната на движењето „Палестинска акција“, јавува Би-би-си.

Делото брзо беше прекриено со големи пластични плочи, пред кои беа поставени метални огради и обезбедување. Иако муралот е насликан во мирна уличка зад зградата на судот, денеска местото беше преполно со луѓе кои дојдоа да го фотографираат покриениот дел од ѕидот.

Фото: Инстаграм/Бенкси

Бенкси, кој потекнува од Бристол, ја потврди автентичноста на делото со фотографија објавена на својот профил на Инстаграм, што е негов препознатлив начин на потврда.

Уметникот е познат по критичките графити со кои се спротивставува на владини политики, војни и капитализмот. Минатото лето започна кампања со девет дела посветени на животни, а на последното беше прикажана горила која ја подига металната ролетна на лондонската зоолошка градина.

Бенкси има создадено и повеќе дела инспирирани од настаните на палестинскиот Западен Брег. Во декември 2019 година тој наслика изменета сцена на Христовото раѓање во хотел во Витлеем, каде јаслите со новородениот Исус беа поставени пред ѕидот што го одвојува Израел од Западниот Брег. На ѕидот имаше дупка од експлозија во форма на ѕвезда. Израел тврди дека ѕидот е неопходен за спречување инфилтрација, додека Палестинците го сметаат за средство за одземање земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот