
ФОТО | „Атиџе – нашата нова Фрида“: Хорот „Фрида“ на Сузана Турунџиева во прослави првиот роденден
Аматерскиот хор „Фрида“, под водство на Сузана Турунџиева, го прослави својот прв роденден. Во последните 365 дена, Турунџиева и нејзините Фриди изреализираа повеќе концерти и низа јавни активности, во кои беа вклучени и граѓаните.
Препорачано
Интересно е дека и „медената“ Атиџе Муратова, која стекна светска слава со документарецот „Медена земја“, е дел од овој хор.
„Атиџе – нашата нова Фрида.
Со многу емоции, насмевки, прегратки и безвремени хитови, ‘Фрида’ од Македонија вчеравечер го одбележа првиот роденден. Да ни се множи членството и публиката!
Viva la vida, viva la musica“, напиша Турунџиева на Фејсбук.
Во интервју за „Слободен печат“, Турунџиева откри дека нејзините очекувања биле скромни, но дека има голема заинтересираност за хорот.
„Моите очекувања на почеток беа многу скромни и навистина не верував ваква масовна заинтересираност и љубов кон групното музицирање, но многу се радувам што нашите членки од ден во ден, од седмица во седмица се охрабрија да си ги поканат и приклучат сите нивни пријателки, колешки, мајки, ќерки, свекрви и на моја огромна радоста сега сме едно големо распеано, насмеано, музичко семејство“, изјави таа.
„Ние сме потполно женска дружина во која доминира и царува таа женска енергија. Со огромен респект кон секоја од нив, јас внимателно ја разгледувам и анализирам секоја нивна идеја, предлог или иницијатива која со многу ентузијазам ја предлагаат“, додаде Турунџиева во интервјуто за „Слободен печат“.