
ФОТО | Активистите им порачаа на надлежните: И кучињата си одат од државата од вашата неспособност
Како што беше најавено вчера, вечерва активисти од неколку здруженија за заштита на животните излегоа на протест пред Владата со цел да го кренат гласот против бруталноста кон уличните кучиња и да им порачаат на надлежните дека е време да делуваат на терен.
Препорачано
Протестот се случува по последното масовно убиство на кучиња во Струга, каде насилник со пушка уби десетици улични, но и маалски кучиња и домашни миленици.
Со транспаренти, свирчиња и црвена боја како симбол за сите невини убиени животни, активистите од здруженијата за заштита на животните упатија јасна порака до институциите – дека конечно треба да работат во интерес на заштита на животните, но и на луѓето.
– Ние активистите работиме во интерес и на животните и на нашите сограѓани. Постојано се бориме да се намали бројката на улични кучиња… За една година вдомивме над 5000 кучиња во странски држави, а постојано ги кастрираме и чипираме, со наши финансии без никаква поддршка од државата. Ние не сакаме да има напади од кучиња, не сакаме да има ниту бездомни животни, а уште помалку сакаме повреди кај нашите сограѓани, но ние сами без помош на надлежните сме немоќни, потенцираше Наталија Малзаркова од „Шепасти ентузијсти“.
Активистите упатија и конкретни предлози до Владата, велејќи дека се подготвени да седнат на маса и заеднички да го решат овој проблем.

– Сите општини и градоначалници се платени од наши пари, па затоа и ги повикуваме на одоговорност за разврска на проблемот со бездомните кучиња. За да не дојде до нови убиства со пушка во рака или разлеани отрови низ населени места, бараме конкретни мерки: Обезбедување 250 бесплатни кастрации секој месец, како и нивно чипирање. Зголемување на бројот на инспектори и формирање на посебно тело за контроли на неодговорно сопствеништво на миленици. Драстични казни на сите сопственици кои ги немаат чипирано своите миленици, а кои подоцна ги оставаат нехумано на улица. Ангаџирање на локални инспектори, или формирање на „Анимал полис“, кое ќе врши надзор за секое легло исфрлено на улица“, изјави Малзаркова, која дополнително истакна дека проблемот се решава од две страни.

Прва поддршка за протестот на активистите денеска пристигна од премиерот Димитар Ковачевски, кој на брифинг со новинарите кажа дека веќе му дал насоки на министерот за земјоделство Љупчо Николовски да подготви нов Закон за миленици, во кој ќе бидат опфатени долгогодишните барања на организациите за заштита на животните, кои според него се легитимни.