Илустрација/ Фото: Freepik

ФОТО | Академик украл 3.000 писма од националните архиви на Шкотска поради големата страст кон филателијата

Националниот архив на Шкотска откри дека академскикот и професор по историја Дејвид Мекмилан украл повеќе од 3.000 историски документи и писма од архивите во период од 30 години. Како што пренесуваат локалните медиуми, Дејвид Мекмилан, кој починал во 1987 година, ги украл писмата од архивата, пред сè поради поштенските марки кои биле залепени на нив.

Кражбата почнала да се разоткрива кога еден архивар пронашол 200 документи кои припаѓаат на Националниот архив на Шкотска на аукција во Лондон во 1994 година, објави „Гардијан“.

Подоцна било утврдено дека Мекмилан украл вкупно 3.100 документи, главно писма, поради неговата страст за филателија.

Мекмилан студирал историја на Универзитетот во Глазгов, а подоцна предавал на Универзитетот во Сиднеј и Универзитетот Трент во Онтарио.

Тој редовно го посетувал Националниот архив на Шкотска помеѓу 1969 и 1980 година, а кога еднаш бил фатен како краде документ, веднаш му бил забранет пристапот.

Во тоа време, се мислело дека станува збор за изолиран инцидент, но размерите на неговите кражби станале очигледни во 2012 година кога еден истражувач видел онлајн каталог на Универзитетот Трент, каде што предавал Мекмилан, за документ што припаѓал на шкотскиот архив.

Ова предизвика загриженост, а архиварите потоа продолжиле да истражуваат и откриле околу 2.900 документи што ги украл Мекмилан, а кои биле донирани во архивата на Универзитетот Трент по неговата смрт.

Професорот не бил осуден пред неговата смрт за никакво кривично дело, а експертите сметаат дека кражбите ги извршил поради интересот за поштенски марки и печати.

Писмата што ги зел немале голема историска или финансиска вредност.

Службеникот на шкотскиот архив Алан Бортвик вели дека професорот Мекмилан крадел писма со необични печати и поштенски жигови.

Националниот архив на Шкотска успеа да ги врати речиси сите украдени документи од збирката од 38 милиони документи кои опфаќаат речиси 1.000 години од историјата на Шкотска, објави „Гардијан“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот