
Формиран е Македонски национален центар „АСИТЕЖ“
По повеќегодишна упорна работа, конечно се формираше Националниот центар на детски театри „АСИТЕЖ“, што ќе биде дел од Светската асоцијација на детски театри „АСИТЕЖ Интернационал“. Светската организација опфаќа повеќе од 80 национални центри, чија примарна цел е афирмација, промоција, продукција на детски и младински проекти, како и интернационална соработка и вмрежувања.
Препорачано
Иницијативата за формирање на Македонскиот национален центар „АСИТЕЖ“ е на НУ Театар за деца и младинци – Скопје, заедно со Театар „Бабец“ од Битола, кои до скоро беа едни од ретките директни индивидуални членови во асоцијацијата со право за формирање национален центар.
Целите на Македонскиот центар „АСИТЕЖ“ се да ја унапредат работата на сите субјекти кои приоритено се занимаваат со изведувачки уметности за деца и млади, да поттикнуваат запознавање и размена на искуства преку национални и меѓународни средби и фестивали, размена на искуства, учества на форуми, конгреси, конференции, работилници и други активности за афирмација и популаризација на детско-младинската театарска продукција.
За претседател во првите четири години на Центарот е избрана актерката Јулијана Мирчевска, а како членови на Управниот и Надзорниот одбор, а воедно и основачи, се: Катарина Илиевска – Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци, Драгана Милошевска Попова, Игор Ивковиќ – режисери од истиот театар, заедно со актерката Марија Ѓорѓијовска, актерот и режисер Васко Мавровски од Театар „Бабец“ од Битола, како и композиторот Миодраг Нечак и костимографот Благој Мицевски.
Центарот е со седиште во Битола, а од многу скоро време ќе се формира и канцеларија во Скопје. Сите заинтересирани правни и физички лица кои активно делуваат во дејноста на сценските уметности за деца и млади се добредојдени да бидат дел од новото театарско семејство, известија од тимот на Македонскиот национален центар „АСИТЕЖ“.
Иницијативата за формирање на Македонскиот национален центар „АСИТЕЖ“ беше силно поддржана во рамките на Првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ на Театарот за деца и младинци, што се одржа во октомври во Скопје, и на кое беше присутна Диана Кржаниќ Тепавац, актерка, театарски педагог и претседател на „АСИТЕЖ – Србија“, која ги пренесе искуствата на работата на асоцијацијата во светски рамки.