Фотографија: Сашо Димоски

Фондацијата „Славко Јаневски“ ја врачи наградата „Роман на годината“ на лауреатот Владимир Јанковски

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ ја врачи наградата „Роман на годината“ на свеченост што се одржа на 18 август на платото пред МКЦ.

Годинашен лауреат е романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски („Антолог“, 2020). Генерален покровител на наградата е „Комерцијална банка“ АД Скопје, а наградата е поддржана и од Министерството за култура. Наградата се состои од оригинална статуетка, плакета и паричен износ од 150.000 денари. Инспиративен говор за значењето на раскажувањето приказни и за функцијата на литературата во денешното време имаше авторот Владимир Јанковски.

– За литературата отсекогаш сум размислувал како за интензивен живот. Како за еден вид зумирање на животот. Поставување на животот под големата лупа на љубопитноста. Гледање во него со ширум отворени очи, па тој пред погледот се зголемува, потенцира, истакнува. За една уметничка практика да продолжи да живее таа мора да го понуди она што исклучиво нејзиниот медиум може да го даде.

За литературата да преживее, таа мора да биде она што многу денешни работи не се. Затоа во овој миг за литературата ја избирам нејзината тивкост наспроти гласноста. Ја избирам нејзината бавност наспроти брзината. Колебливоста наспроти цврстите стојалишта. Ја избирам нејзината запрашаност наместо убеденоста произлезена од инстант решенијата. Кроткоста наместо саморекламирањето. Љубовта кон нијансата, наспроти радикалноста. Увото на слушателот многу често е она што ја води приказната, а не устата на раскажувачот, велеше Итало Калвино.

Во овој наш свет ни е потребна соработката меѓу устата на раскажувачот и увото на слушателот. Зашто во времето во кое сè повеќе зборуваме за да се слушнеме себеси, а не другиот, во времето во кое сè повеќе слушаме за да го чуеме она што ние сакаме да го слушнеме, а не она што ни е соопштено, приказните на другите луѓе од различните точки на светот ни се потребни за во нив да ги видиме нијансата и детаљот. Наспроти разурнувачката моќ на унификацијата.

Во светот толку лесно поделен на црно-бели бои, кога за сенешто си мислиме дека е јасно, очигледно, цврсто, литературата може да биде лек против обопштувањето, мек и бавен отпор кон поедноставувањето на егзистенцијата. Активност која за миг може да ги отвори „вратите на перцепцијата“ за кои зборуваше Вилијам Блејк. А отворањето на тие врати на перцепцијата за миг ќе ни овозможи да ги видиме нештата онакви какви што се – бесконечни, истакна Владимир Јанковски во својот говор.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 94, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот