Урсула фон дер Лајен/EPA-EFE/JOHN THYS / POOL

Фон дер Лајен утре во Скопје, од Тирана ја почнува четиридневната посета на земјите од Западниот Балкан

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ја почнува четиридневна посета на земјите од Западниот Балкан, во чии рамки утре ќе престојува во Скопје.

Како што соопшти Еврокомисијата, за време на турнејата Фон дер Лајен ќе се сретне со лидерите на шесте земји регионот со кои ќе разговара за нивниот пат кон ЕУ, како и за имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан.

Посетата на регионот претседателката на ЕК ќе ја почне од Тирана, каде денеска ќе има средба со албанскиот премиер Еди Рама и ќе се обрати на свеченоста по повод стартот на академската година на тиранскиот Колеџ на Европа. Утре претпладне, пак, Фон дер Лајен ќе се сретне со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.

Од Тирана, Фон дер Лајен ќе допатува во Скопје на средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.

Утре попладне претседателката на Еврокомисијата од Скопје ќе отапува за босанскиот град Јабланица, каде ќе ги посети подрачјата што неодамна беа погодени од поплави. В петок претпладне Фон дер Лајен во Сараево ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, како и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто.

Од Сараево в петок Фон дер Лајен ќе замине за Белград на средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерот Милош Вучевиќ.

В сабота таа ќе престојува во Приштина, каде ќе се сретне со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, по што ќе замине за Подгорица на средби со шефот на црногорската држава Јаков Милатовиќ и со премиерот Милојко Спајиќ.

Овонеделната посета на Фон дер Лајен доаѓа по онаа од пред година кога во регионот го промовираше Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан. Во меѓу време таа во неколку наврати имаше средби со лидерите од земјите од регионот, од кои последните се одржаа минатата недела на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин и на Бледскиот стратешки форум на почетокот на септември.

На овие средби Фон дер Лајен го истакнуваше значењето на регионот за Европската Унија и на посветеноста на блокот за поддршка на земјите од Западниот Балкан во спроведувањето на реформите и трасирањето на патот кон членство во Унијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот