Урсула фон дер Лајен / Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET /

Фон дер Лајен призна дека Трамп е во право, Европа треба да престане да купува руска нафта до крајот на годината

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес во Њујорк изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е во право и дека
се прават напори Европа да престане да купува нафта од Русија до крајот на годината.

Таа на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации изјави дека сака Европа да престане да купува руска нафта. „Трамп е апсолутно во право. Работиме на тоа“, рече фон дер Лајен, според Ројтерс.

За време на денешниот говор на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, Трамп истакна дека САД се подготвени да воведат серија царински тарифи за Русија доколку не се постигне договор за прекин на војната во Украина и ги обвини поединечните членки на НАТО за финансирање на руската војна во Украина со продолжување на купувањето руска нафта.

Трамп рече дека е потребно сите да усвојат исти мерки за да бидат ефикасни.

„Тие треба веднаш да ги запрат сите купувања на енергија од Русија, во спротивно сите губиме многу време“, рече Трамп, додавајќи дека ќе разговара со европските лидери за ова прашање оваа недела.

Трамп претходно постојано ги повикуваше европските земји да престанат да купуваат нафта од Русија, барајќи дополнителен притисок врз претседателот Владимир Путин да ја прекине војната во Украина.

Според Блумберг, тој му предложи на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во НАТО, Метју Витакер, да го зголеми притисокот врз Европа.

„Тие мора да престанат да купуваат нафта од Русија, Мет“, рече Трамп, додавајќи дека Витакер нема да дозволи тоа да трае уште долго.

Иако европските земји престанаа директно да купуваат руска нафта по почетокот на војната во Украина во 2022 година, некои земји-членки на ЕУ продолжуваат да ја купуваат, а некои увезуваат дизел од Индија и Турција, каде што руската нафта се преработува во овој вид гориво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот