Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Фон дер Лајен на работен ручек со лидерите од Западен Балкан

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен утре во Брисел ќе има работен ручек со шесте лидери на државите од Западниот Балкан, на кој ќе се разговара за меѓусебните односи и за имплементацијата на Планот за раст на регионот.

Како што соопшти портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро, на работниот ручек се поканети премиерите на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти и на Црна Гора, Милојко Спајиќ, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Во однос на Планот за раст на Западниот Балкан, Писонеро информира дека Европската комисија во моментов ја финализира процена на доставените реформски агенди на земјите од Западниот Балкан поврзани со него, а кои се однесуваат на социо-економските аспекти и на областа на основните права.

– Кога ќе ги завршиме овие процени, ќе се консултираме со земјите членки на претстојниот ИПА Комитет и во случај на позитивна оценка од страна на ИПА Комитетот, ќе ги одобриме реформските агенди – истакна Писонеро, додавајќи дека по ова ќе следи подготовката за исплата на првите транши од Инструментот за раст и реформи на Западниот Балкан.

За време на престојот на престојот во Брисел, Мицкоски ќе се сретне и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.

Мицкоски: Во Брисел ќе ја пренесеме фрустрацијата на граѓаните

Ако се разговара за евроинтеграцискиот процес, Мицкоски вели дека ќе ги брани и одбрани македонските национални интереси, но ќе ја пренесе и фрустрацијата на граѓаните.

– Дури сега имаме и повеќе аргументи. Сакаме да ги претставиме аргументите, сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонските граѓани да ја пренесеме таму, бидејќи таа е голема, огромна би рекол, бидејќи повеќе од две и пол децении откако го почнавме овој наш пат кон Европската Унија, повеќе од деценија и пол откако официјално го добивме првиот позитивен Извештај од страна на Европската комисија за почнување на овие преговори. Ние не сме во можност да почнеме не заради тоа што не ги почитуваме Копенхашките критериуми, не затоа што сме љубители на европските вредности, туку затоа што има вештачки наметнати пречки, коишто ниту еден народ, ниту една држава ги немала, како што ги имаме ние – изјави тој.

За време на посетата на Брисел, Мицкоски ќе биде придружуван од министрите на надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани. Предвидено е Муцунски да се сретне и со генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг и да се обрати на приемот организиран во седиштето на Алијансата во Брисел по повод Денот на независноста – 8 септември.

Муцунски во Брисел, најавена средба со Столтенберг

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!