Урсула фон дер Лајен/EPA-EFE/JOHN THYS / POOL

Фон дер Лајен: Го забрануваме увозот на руски течен гас, време е да се затвори чешмата

Новиот пакет санкции на Европската Унија, покрај рускиот течен гас, ги таргетира и „флотата во сенка“, криптовалутите, како и банки, рафинерии и компаниишто ѝ помагаат на Москва да ги заобиколува ограничувањата и да ја финансира војната.

Европската Унија планира да забрани увоз на руски течен природен гас (ЛНГ) во блокот една година порано од првично предвиденото, како дел од 19-от пакет санкции против Москва, изјавија во петокот европски функционери, промена што следува по притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс.

– Приходите од фосилните горива ја одржуваат руската воена економија. Сакавме да ги пресечеме овие приходи. Затоа го забрануваме увозот на руски ЛНГ на европските пазари. Време е да се затвори чешмата – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при најавата на предлогот, кој мора едногласно да биде одобрен од земјите-членки на ЕУ.

Предлогот за санкции отвора интензивни дискусии меѓу 27-те земји членки за постигнување договор. Проруски настроените влади во Унгарија и во Словачка и во минатото го кочеа усвојувањето на пакети, сè додека не се постигнеше компромис.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на социјалната мрежа „Икс“ изјави дека новиот предлог има цел „да го забрза постепеното укинување на рускиот течен природен гас (целосно до 1 јануари 2027 година)“.

ЕУ претходно планираше постепено укинување до 1 јануари 2028 година, но Трамп повеќепати ја повикуваше Унијата побрзо да го прекине купувањето руска енергија пред тој да преземе дополнителни чекори за притисок врз Москва.

Пакетот ги таргетира „Флотата во сенка“ и криптовалутите

Покрај ЛНГ, предлог-санкциите таргетираат и делови од руската „Флота во сенка“ со танкери и криптовалутите.

Фон дер Лајен и Калас не ги објавија сите детали од новиот пакет, но функционери рекоа дека тој ќе опфати и руски и централноазиски банки, кинески рафинерии и специјални економски зони – царински заобиколувања кои Москва ги користи за увоз на двојно-наменски стоки за воената индустрија.

– Сега ги таргетираме оние што ја хранат руската војна, кои купуваат нафта спротивно на санкциите. Таргетираме рафинерии, трговци со нафта, петрохемиски компании во трети земји, вклучително и во Кина – изјави Фон дер Лајен.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во средата изјави дека секој предлог на ЕУ за побрзо укинување на руската енергија нема да влијае врз Русија и нема да ја натера да ја промени својата позиција.

Трамп врши огромен притисок

Трамп врши притисок Европа да има поактивна улога во завршувањето на војната во Украина, барајќи таа да ја преземе поголемата тежина од трошоците за воената поддршка и да направи повеќе за да ја лиши Москва од енергетските приходи што ја финансираат војната.

Предлогот ризикува да ги натера земјите на ЕУ да ги покријат недостасувачките количини на ЛНГ со купување од САД, со што би се зголемила нивната енергетска зависност од Вашингтон во период кога Америка користи трговски царини како политичка алатка.

– Притисокот на Трамп врз Европа да се движи побрзо кон забрана на руските енергетски увози очигледно функционира. Забрзувањето на забраната за руски ЛНГ до јануари 2027 година значи дека Европа сега бргу ќе мора да подготви алтернативи, а американските снабдувања се, секако, на врвот на листата – изјави истражувачот во тинк-тенкот „Бругел“ Симоне Таглиапетра.

Еден европски функционер изјави дека унапредувањето на рокот за забрана на рускиот ЛНГ станало „приоритет“ откако Фон дер Лајен разговарала со Трамп оваа недела.

Рускиот удел во увозот на ЛНГ во ЕУ е драстично намален

Уделот на Русија во увозот на ЛНГ во ЕУ се намали на 14 отсто во вториот квартал од 2025 година, од 22 отсто во првиот квартал на 2021 година, според податоците на Евростат.

Шпанија, Белгија, Холандија и Франција увезуваат руски ЛНГ. Гасот преку гасоводот ТуркСрим оди во Словачка, Унгарија и Бугарија.

Главниот извршен директор на компанијата „Тотал енерџис“, Патрик Пујане, минатата недела изјави дека рускиот гас е неопходен до крајот на 2027 година, „а потоа можеме да излеземе од тоа бидејќи можеме да го обезбедиме од други места без да влијаеме врз цената“.

Европската комисија го одобри 19-тиот пакет санкции против Русија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот