
Физиономијата на „Астерфест“ и на јубилејното издание е посветена на авторскиот филм
Јубилејното 20-то издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ со разновидна и возбудлива програмска селекција од 4 до 8 август ќе се одржи во Струмица, под мотото „Филмски крстопати“.
Препорачано
Физиономијата на „Астерфест“ останува посветена на авторскиот филм, со прикажување врвни и квалитетни филмови од различни жанрови и должини. Оваа година лауреат на престижната награда „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм е режисерот и сценарист Милчо Манчевски. По тој повод Манчевски изјави: „Ме радува наградата на ’Астерфест‘. Фала ви, луѓе. Уметноста се прави за да се допре срцето на другиот. Се надевам дека она што го правам со години ве допира и создава нови чувства. Голем поздрав од снимањето на ’Збогум, Копакабано‘“.
Добитник на почесното признание на „Астерфест“ за особени достигнувања на полето на филмската и ТВ-продукцијата е реномираната британска продуцентка Ребека О’Брајан, попозната како продуцентката на Кен Лоуч. По тој повод во „Сине-реал“ во Лондон, еден од ретките кинотечни клубови, се одржа мала церемонија во присуство на филмски автори, академици и официјални претставници на Филмскиот совет на „Астерфест“, при што на О’Брајан ѝ беше доделена почесната плакета од „Астерфест“. Таа ја прими наградата со голема возбуда од основачот и директор на „Астерфест“ Горан Тренчовски, истакнувајќи дека е длабоко почестена што „Астерфест“, Струмица и Македонија го ценат нејзиниот придонес како филмска продуцентка.
„Астерфест“ и матичната продукција на Ребека, „Шеснаесет филма“, покренаа иницијатива да се прикажат избрани филмови од Ребека О’Брајан и Кен Лоуч, преведени на македонски јазик.

Добитник на специјалната награда, плакета на „Астерфест“ за долгогодишни врвни актерски остварувања во македонскиот и балканскиот филм, е еден од најмаркантните актери, Емил Рубен. „Кога некој ќе те потсети дека си точно 70 години во филмот, ќе признаете дека се јавува мала нелагода. Од друга страна, баш е добро чувството кога ќе добиеш признание за тоа. А за ова се виновни луѓето од ’Астерфест‘, за што им се заблагодарувам и им посакувам успешен фестивал“ – изјави Рубен.
Во официјалната натпреварувачка селекција на „Астерфест“ ќе се прикажат американските филмови „Не стравувај од самиот страв“ на Даун Вестлејк и „Браќа по застава“ на Пеп Стојановиќ, францускиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадуни и Софијан Шуеб, холандско-белгискиот оскаровец „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам, чијшто копродуцент е трикратниот оскаровец Ким Магнусон, кој лани беше во Струмица, црногорскиот „Лаеж“ на Бранислав Милатовиќ, британскиот „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска, кинескиот „Меуресто сеќавање“ на Мингвеј Ма и Џјиаји Кристина Фу, шкотско-полскиот добитник на БАФТА „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер, белгискиот „Петок, 1 јули“ на Сара Ледерман, хрватскиот „Самотија“ на Боби Грубиќ по сценарио на Миро Гавран, полскиот „Секој има убиено некого“ на Ангелика Цигал, француско-полскиот „Сок од портокал“ на Александар Атане, рускиот „Темната шума“ на Татјана Петрова, швајцарско-македонскиот „Турбо-нет“ на Надежда Панов, холандскиот „Ќелиски другари“ на Меле Виндиг и група коавтори, шпанскиот „Умирање“ на Хесус Мартинес, како и македонските „Амра“ на Васил Христов, „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и „Избор“ на Марко Црногорски.
Специјална проекција, во чест на Емил Рубен и одбележување 25 години од снимањето, ќе биде дигитализираната копија од Кинотеката на Македонија на среднометражниот филм „Писмо“ на Васил Христов, во копродукција на „Дигит Проп“ и „De Productie“ од Белгија. Како фестивал посветен на авторите, на „Астерфест“ во чест на наградените ќе се прикаже и актуелниот долгометражен игран филм „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов и на „Мајнд продукција“.
За наградите Гран-при, Златна, Сребрена и Бронзена потковица, како и за наградите за најдобар режисер „Ацо Алексов“ и најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“, ќе одлучува жири во состав на филмските автори: Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов. Уникатните статуетки и традиционални награди за „Астерфест“ ги изработи ликовниот уметник Никола Пијанманов. „Астерфест“ е поддржан од Општина Струмица.