
Фишинг-измама со „Нетфликс“ во Србија – измамници присвоиле 85.000 евра со злоупотреба на платежни картички
Министерството за внатрешни работи на Србија објави дека е разбиен меѓународен синџир на фишинг-измами преку „Нетфликс“ и во координирана операција спроведена во Белград, Панчево и Крагуевац, полицијата уапсила четири лица кои злоупотребиле платежни картички за да присвојат повеќе од 10 милиони динари (над 85.000 евра) на штета на десетици српски граѓани.
Препорачано
Уапсени се тројца српски и еден француски државјанин.
Како што пренесува телевизијата Н1, Сомнежите се дека тие користеле СМС-пораки за да ги наведат оштетените граѓани да платат за услуги на „Нетфликс“ и барале преку дадениот линк да ги внесат податоците за нивната платежна картичка и други податоци за наводно обновување на нивната претплата, по што неовластено подигнувале пари од поврзаните банкарски сметки, префрлајќи ги неовластено на сметки во разни обложувалници, како и за плаќање на услуги на други деловни субјекти.
При претрес на становите и другите простории што ги користеле осомничените на шест локации во Белград, Панчево и Крагуевац, пронајдена е софистицирана опрема и предмети за кои постои сомневање дека се користеле при извршувањето на овие кривични дела.
На осомничените им е одреден притвор до 48 часа, по што ќе бидат изведени во надлежното обвинителство со кривична пријава.
Српската полиција ги повика граѓаните, доколку претрпеле штета и измама, да пријават.
„Уште еднаш ги повикуваме граѓаните да ги заштитат своите податоци и безбедност на интернет“, се наведува во соопштението на српското МВР
.