
Фирма на Дестани, газдата на „Шкендија“, доби тендер од 10 милиони евра – Бирото за јавни набавки алармира за зделката
Во извештајот на Бирото за јавни набавки, каде со „црвено знаме“ се означени сомнителни тендери од минатата година, е наведено дека „Е-Проперти“ – фирма-ќерка на „Еколог“ – добила договор од речиси 10 милиони евра со ЈП „Тетово транспорт“, иако во системот за јавни набавки била регистрирана помалку од два месеца претходно.
Тендерот за изградба на нов стадион во Тетово што го доби фирма-ќерка на „Еколог“ е еден од најбрзодобиените договори со висока вредност што една компанија ги добила, а при тоа за првпат учествувала во јавните набавки, објави „Фокус“.
Препорачано
Во објавениот извештај на Бирото за јавни набавки со алармантен знак (црвено знаме) за добиените тендери во текот на минатата година, издвоено е дека „Е-Проперти“, фирма-ќерка основана од „Еколог“, од ЈП јавен превоз „Тетово транспорт“ е избрана на тендер со вредност од безмалку 10 милиони евра (599 милиони денари). Притоа, откако Е-Проперти за помалку од два месеца претходно се регистрирала во системот за јавни набавки.
Фирмата на Љазим Дестани се регистрирала во системот на јавни набавки на истекот на 2023 година, а веќе на 23 јануари 2024 учествувала во јавното отворање на понудите за „изградба и реконструкција на спортски објекти“.
Потоа, на 18 март 2024 година, ЈП „Тетово транспорт“ склучи договор со компанијата „Е-Проперти“ од истоимениот град за изградба и реконструкција на градскиот стадион, спортски центар и фудбалско игралиште.
Според договорот објавен на Бирото за јавни набавки, рокот за кој треба да бидат завршени градежните работи е за три години. Како што објавија од општина Тетово, по тој рок ќе ѝ бидат исплатени парите на компанијата. Во 2016 година, медиумите објавија дека сопственикот на ФК Шкендија, Љазим Дестани, кој воедно е и газда на „Еколог интернешнл“, го зеде градскиот стадион под концесија со одлука на Советот на општина Тетово. Во јули 2016 година, со одлука на Советот на Општина Тетово, стадионот е даден под концесија на фирмата „Еколог“, која е сопственик на ФК Шкендија и која се обврза да инвестира 7,7 милиони евра за реновирање на стадионот за да може да биде домаќин на меѓународни натпревари. Но, и покрај ова, Градскиот стадион пропаѓаше бидејќи никој не се грижеше за него, а од ветената инвестиција речиси ништо не беше реализирано, се посочува во текстот на „Фокус“.
Претходната влада на седница лани во мај донесе одлука за запирање на изградбата на стадионот во Тетово поради сомнеж за неправилности, се додава, но градоначалникот Биљал Касами немаше намера да послуша. Од Владата побараа да се разгледаат и правните основи за покренување на соодветна кривична пријава до надлежните органи поради незаконитости при изградбата на стадионот од Тетово.
Останатите склучени тендери со висока вредност на тукушто регистрирани учесници во системот на јавни набавки во текот на минатата година се главно со интернационални компании. На прво место е проектот „Смарт Аеродром“ кој Општина Аеродром го договори со „Кресцент-Смартсити“ за 11 милиони евра. Понатаму следуваат набавките на ВЛТ-апарати од АД Државна Лотарија со „Синот“ и „Пејт плеј тек“ (Pate Play Tech) за 219 милиони денари, односно за 134 милиони денари. АД ЕСМ купила транспортни ленти за јаглен за РЕК Битола од „Епбелт“ од Лозница за 282 милиони денари. Транспортното железничко претпријатие ги изнајмило четирите електрични локомотиви од „Србија карго“ за 35 милиони денари.
Овие компании, исто како Е-Проперти, воопшто претходно не учествувале во тендерски постапки, а договорите ги добиле веднаш откако покажале интерес.