Филмскиот фестивал „Фипадок“ во Франција се етаблира како стратешки центар за европската документарна заедница

Филмскиот фестивал „Фипадок“ во Франција се етаблира како стратешки центар за европската документарна заедница

Агенцијата за филм на Северна Македонија учествува во сегментот „Балканот во фокус“ на седмото издание на „Фипадок“ (Fipadoc), реномиран меѓународен фестивал на документарен филм, кој се одржува во Бијариц, Франција, од 24 јануари до 1 февруари 2025 година.

Фестивалот „Фипадок“ годинава ја истакнува богатата документарна ризница на балканскиот регион, во која учествуваат девет земји: Северна Македонија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Србија, Словенија, Албанија и Босна и Херцеговина. Низ годините, фестивалот се етаблира како стратешки центар за европската документарна заедница, со голем фокус на новите и развојни филмски индустрии.

Програмата „Балканот во фокус“ (Focus Balkans) ја нагласува виталноста и различноста на документарниот филм во регионот, нудејќи бројни можности за копродукции и прекугранични соработки. Благодарение на поддршката на националните филмски агенции, вклучително и Агенцијата за филм на Северна Македонија, присутните имаат можност за вмрежување со претставници на фестивали, национални филмски центри и дистрибутери.

Македонското присуство на фестивалот беше истакнато со прикажувањето на три документарни филмови во различни категории, и тоа: „Одење пеш“ (The Walk, 2023) во режија на Тамара Котевска, а во копродукција на Обединетото Кралство, Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, кој беше прикажан како дел од програмата „Балканот во фокус“ во две специјални проекции на 25 и 29 јануари; „Мојот летен одмор“ (My Summer Holiday) во режија на Петра Селишкар, а во копродукција на Словенија, Северна Македонија и Франција, кој ја имаше својата светска премиера на „Фипадок“ на 28 јануари; и дополнително, во програмата „Импакт документари“ (Impact Documentary) беше прикажан „Молкот на разумот“ (The Silence of Reason) во режија на Кумјана Новакова, копродукција помеѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

Светска премиера на „Мојот летен одмор“ на „Фипадок“

Покрај филмските проекции, „Фипадок“ беше домаќин и на клучни настани од индустријата за балканските претставници. На 28 јануари, фестивалот одржа сесија „Producers Meet Producers“, поттикнувајќи можности за соработка и копродукции, а на 29 јануари, фестивалот организираше „Балкан Мастерклас“, обезбедувајќи увид во пејзажот за правење документарен филм во регионот.

Програмата „Балканот во фокус“ беше „крунисана“ со специјална балканска вечера, на која претставници од регионот имаа можност да искусат автентични вкусови од балканското поднебје, дополнително зацврстувајќи ги културните и професионалните врски.

На 30 јануари фестивалот беше домаќин на панел-дискусија, наменета за претставници од филмските центри и филмските фестивали од регионот, на која како претставник присуствуваше и в.д. директорката на Агенцијата за филм на Северна Македонија, Вероника Бучковска, која се вклучи во дискусии за можностите за копродуцирање со нашата земја.

Учеството на Агенцијата за филм на Северна Македонија во програмата „Балканот во фокус“ на „Фипадок“ ја зајакнува посветеноста на поттикнувањето меѓународна соработка и го засилува гласот на македонските документаристи на глобалната сцена.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 266, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.2.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот