
Филмски остварувања со широк тематски дијапазон ќе донесе Неделата на франкофонски филм
Во рамки на Недела на франкофонски филм, во соработка со Амбасадите на земјите-членки на Меѓународната организација на Франкофонијата, од 23 до 30 јуни во Кинотеката ќе бидат прикажани девет филмски остварувања.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Неделата на франкофонски филмови ќе биде отворена на 23 јуни, во 20 часот, со проекцијата на филмот „Ривиера“ (2024) на Орфеас Перцис во организација на Амбасадата на Грција. Филмот е добитник на награда од жирито на Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ), Награда ФОС и Награда на грчката радиодифузија.
Бугарскиот филм „Странецот“ (2012) на Ники Илиев ќе биде прикажан на 24 јуни, во 20 часот. За време на мисија во Бугарија, младиот Французин по име Жерар кратко се запознава со темпераментната Магдалена, која живее на село. Маѓепсан и вљубен, Жерар решава да ја пронајде и покрај јазичната бариера и културните разлики. Оваа потрага го води низ серија комични ситуации и недоразбирања. Проекцијата е во организација на Амбасадата на Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.
Во организација на Амбасадата на Швајцарија на 25 јуни, во 20 часот, ќе биде прикажан филмот „Куче на суд“ (2024) на Летисија Дош. Аврил, адвокатка со голем број изгубени случаи, си дава ветување дека следниот случај ќе го добие! Се појавува Дариуш, клиент очаен колку и неговиот случај, и ја моли Аврил да го брани неговиот верен придружник Космос. Така започнува судење кое е подеднакво неочекувано и бурно: судењето на кучето.
Шест меѓусебно поврзани приказни кои ја прикажуваат Романија кога револуцијата од 1989 година почнува да се наѕира носи филмот „Таа Нова година што никогаш не дојде“ (2024) на Богдан Мурешану. Филмот е добитник на наградата „Хоризонти“ за најдобар филм на Филмскиот фестивал во Венеција во 2024 година, наградата „Сребрен атлас“ за најдобра режија на Меѓународниот филмски фестивал во Арас (2024), а номиниран е за наградата ФИПРЕСЦИ за европско откритие. Во организација на Амбасадата на Романија филмот ќе биде прикажан на 26 јуни, во 20 часот.
На 27 јуни ќе бидат прикажани македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ (2024) на режисерот Димитар Оровчанец, во 18 часот, и албанскиот филм „Слогани“ (2001) на Ѓерѓ Џувани во 20 часот. На 28 јуни, исто така, ќе има две проекции. Во 18 часот ќе биде прикажан белгискиот филм „Вереницата на поетот“ (2023) на Јоланд Моро, додека во 20 часот ќе следува проекцијата на „Вашите лица секогаш ќе ми бидат пред очи“ (2023) на Жана Ери во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје.
Ревијата на франкофонски филмови ќе заврши на 30 јуни, со проекција на „Ру“ (2024) на Шарл Оливие Мишо во организација на Амбасадата на Канада.