
Филипче: Во понеделник ќе понудам конкретни точки за лидерска средба
Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека в понеделник на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава во Собранието, ќе понуди конкретни точки за лидерска средба.
Препорачано
„Јасни се пораките од ЕУ. Сите укажуваат дека патот по кој треба да се движиме е јасен. Додека чекаме и не правиме ништо, сè што се случува е само губење на време. Младите тоа го гледаат и го доживуваат како дополнителен стимул за побрзо иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа својата иднина во Македонија ако не направиме ништо за да го откочиме евроинтегративниот процес и заеднички да работиме на унапредување на многу сфери во нашата земја, што ќе го направи животот подобар и поквалитетен“, истакна Филипче.
Нагласи дека тој и Социјалдемократскиот сојуз често се иницијатори на заеднички средби и разговори за теми од национален интерес, за кои е потребен национален консензус.
„Многу пати иницираме и работа на конкретни теми. Инициравме заеднички средби за реформската агенда и за постигнување консензус околу тие прашања“, рече Филипче.
Сепак, и покрај конструктивниот пристап и учеството во работните групи за клучни закони – како што е Законот за енергетика – Филипче смета дека Владата во последен момент поднела амандмани спротивни на европските стандарди.
Филипе очекува продолжување на работата на реформската агенда, особено во делот на правосудството. Тој нагласи дека експертите номинирани од СДСМ ги дале своите мислења за предложените закони, но досега не добиле никаков одговор. Сепак, тој повтори дека СДСМ останува подготвена да работи заеднички за доброто и напредокот на државата.
Денеска премиерот Христијан Мицкоски повика на државно и национално обединување.
„Сакам да се осврнам на две теми кои се суштествено важни за нашето постоење. Првата се надворешните напади, блокади и негирања со кои еве повеќе од 30 години како држава се соочуваме. Тие се насочени кон разјадување на темелите на нашето постоење. Најпрвин нашето знаме, народ, химна, јазик, култура. Мора да бидеме свесни дека многумина нашето битисување на овие простори не ги прави среќни – рече тој.
Мицкоски повика на единство – нашето битисување на овие простори многумина не ги прави среќни