
Филипче: Владата одби еден од најпатриотските документи на нашата политичка сцена
Лидерот на СДСМ оцени дека кризата во земјата е дел од пошироката криза на социјалдемократијата во Европа, предупредувајќи дека алтернативата што ја нудат десноцентристичките партии е опасна.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, упати критика кон власта дека го запира европскиот пат на државата и дека ја одбива резолуцијата за национален консензус околу евроинтеграциите.
Препорачано
– Пред три дена го одбија еден од најпатриотските документи којшто бил виден на нашата политичка сцена, а тоа е предлог резолуцијата за национален консензус, заеднички црвени линии и временска рамка за почеток на отворањето на поглавјата и продолжувањето на преговорите со Европска Унија – нагласи Филипче на регионалната конференција „Еден регион. Една визија. Една иднина“.
Филипче го опиша ова како симболична, но многу сериозна потврда за тоа каде се наоѓа денеска државата на меѓународната сцена. Според него, Македонија од земја што беше призната и поддржана од клучните стратешки партнери, денес е држава што единствено добива внимание на маргините, без реално политичко влијание, без сериозни разговори и без почит.
– Сѐ се сведува на правење селфија со некои дипломати по ходниците на големите светски институции ѐ рече Филипче, додавајќи дека патот кон НАТО и кон ЕУ не бил лесен и не бил без политичка цена, но дека тој пат вредел и бил правилен.
Тој потсети дека политиките на СДСМ секогаш биле во интерес на државата и на граѓаните, без политички калкулации и без грижа за рејтинг.
– Нашите политики беа добри, беа во интерес на државата и на граѓаните. Не водевме сметка, не ставаме на кантар дали ќе изгубиме дел од својот политички рејтинг, зашто вредеше државата да оди напред, да се реши деценискиот проблем со името, да станеме земја членка на НАТО. Ама, сега оваа Влада не сака да го продолжи европскиот пат – рече тој.
Лидерот на СДСМ оцени дека кризата во земјата е дел од пошироката криза на социјалдемократијата во Европа, предупредувајќи дека алтернативата што ја нудат десноцентристичките партии е опасна.
– Имаме многу слично сценарио, еден фрагментиран простор на левиот спектар со кој што се соочуваат и другите земји. Кризата во социјалдемократијата е тесно поврзана со кризата во демократијата во светот, каде што доминираат авторитарните режими, истото што се случува и кај нас. Иако партиите од центарот десно се нудат како некаква алтернатива, сепак таа алтернатива е опасна, зашто тоа приближување на партиите од центарот десно кон авторитарните режими само ги легитимира дополнително и ги прикажува како некои поблаги варијанти – посочи тој.
На крајот во своето обраќање, Филипче пред гостите од сестринските партии на СДСМ од регионот упати порака со апел за единство и визија за заедничка европска иднина.
– Прогресивните сили и во земјата, и во регионот, треба да се обединат, да споделиме знаење, искуства и сите заедно да покажеме дека иднината на целиот регион е во Европа – порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.