
Фетаи не е спремен за македонски, Мицкоски чека „да ја повтори грешката“
За прашањето поврзано со начинот на одговарање на поставено новинарско прашање на последната прес-конференција, сметаме дека најсоодветно е конкретниот одговор да го добиете директно од заменик-претседателот на Владата, како носител на изјавата и како лице кое може најпрецизно да го појасни својот став и постапка, ни одговорија од Владата.
Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи самиот треба да објасни зошто на новинарско прашање одби да одговори на македонски јазик. Ова сублимирано е ставот на Владата, на прашањето дали премиерот Христијан Мицкоски ќе го разреши вицепремиерот Фетаи или и натаму ќе биде дел од владиниот кабинет „ако не ја повтори грешката“. Опозицискиот СДСМ, но и правни експерти бараат разрешување на Фетаи. Вицепремиерот, пак, не се дообјасни зошто одби да зборува на македонски јазик и ако веќе добро не го владее, зошто не обезбедил преведувач.
Препорачано
– За прашањето поврзано со начинот на одговарање на поставено новинарско прашање на последната прес-конференција, сметаме дека најсоодветно е конкретниот одговор да го добиете директно од заменик-претседателот на Владата, како носител на изјавата и како лице кое може најпрецизно да го појасни својот став и постапка – ни одговорија од Владата.
Од „Илинденска“ додаваат дека Владата останува посветена на принципите на транспарентност и отчетност во комуникацијата со јавноста.
– При секоја организација на јавни настапи и прес-конференции се залагаме сите именувани и овластени лица да обезбедат услови за непречено следење на нивните изјави, во насока на заемно разбирање од страна на сите граѓани – велат од Владата.
И покрај наведената транспарентност од Владата, мнозинската заедница во државата не успеа да го разбере Фетаи, бидејќи тој продолжи да одговара на албански јазик, иако новинарите инсистираа да им одговори на македонски јазик. Иако настанот беше организиран од Владата, немаше преведувач.
Опозицискиот СДСМ обвини дека Владата не го почитува македонскиот јазик и побара Мицкоски да го разреши Фетаи.
– На официјално обраќање, вицепремиерот Арбен Фетаи, одби да одговара на македонски јазик. Со ладнокрвност порача дека „уште не бил спремен на македонски“. Тоа го кажа човек на висока функција во Владата на Мицкоски. А од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски молк. Нема реакција, нема извинување, нема барање за одговорност. Ќе го разреши ли Мицкоски сега Фетаи или функционерите од власта се недопирливи – рече на прес-конференција Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен во 2024 година, предвидува и санкции за неупотреба на македонскиот јазик и дека казните се од 1.500 до 3.000 евра.
– СДСМ ќе продолжи гласно да се спротивставува на ова непочитување. Нема да дозволиме ниту молкот на Мицкоски ниту ароганцијата на неговите коалициски партнери да ја избришат должноста на сите функционери да го почитуваат македонскиот јазик и граѓаните – рече Јанковиќ.
Преку фејсбук-статус реагираше и професорката по право Мирјана Најчевска, која сугерира новинарите да престанат да пренесуваат каква било изјава на вицепремиерот Фетаи.
„Вицепремиерот Фетаи треба веднаш да биде разрешен од премиерот. Ако тоа не биде направено, треба под итно да има импичмент, кој треба и да помине во Собранието.
Во секој случај, треба да одговара за поттикнување меѓуетничка омраза, затоа што како функционер одбивањето да зборува на официјалниот јазик на државата, може да значи само намерно создавање конфликт меѓу етничките заедници – смета Најчевска.
Вицепремиерот иако повеќе од една година е на функција, рече дека не е спремен да одговара на македонски јазик.
– На албански сакам да одговорам ако може. Уште не сум спремен на македонски – рече Фетаи.
Вицепремиерот, кој е родум од Куманово, долги години живее во Белгија. Во биографијата на Фетаи е наведено дека, покрај албански, зборува и македонски, француски, англиски и холандски јазик.
Фетаи не е првиот функционер од Вреди кој одби да одговори на македонски јазик. Претходно, директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците Арсим Идризи одби да зборува на македонски, по што Мицкоски рече дека ќе го разреши ако му се повтори тоа.
И пратениците од Вреди Беким Ќоку и Аднан Азизи на новинарски прашања одговараа само на албански јазик.