
Фестивалот „Војдан Чернодрински“ со книгата „Драмолетање“ прави мост меѓу драмските автори и театрите
Книгата „Драмолетање“ со четири нови драмски текстови во издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ од Прилеп на 30 септември беше промовирана во Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Препорачано
Секој од четирите текстови поместени во книгата „Драмолетање“ носи специфичен авторски глас и отвора простор за ново сценско истражување – од интимни прашања, преку социјални и политички теми, до хумор и апсурд.
– Со оваа книга не само што ја претставуваме новата генерација драмски автори, туку и поставуваме темели за идни соработки и нови претстави – истакнува театарскиот продуцент Петар Антевски, приредувач на изданието „Драмолетање“.
Низ читачка промоција, што ја режираше Шенај Мандак, на публиката ѝ беа доближени четирите драми. Ова издание е резултат на желбата за осовременување на најстариот македонски театарски фестивал. Комисијата судејќи според три критериуми – релевантност, оригиналност и продукциска вредност, а во состав од Шенај Мандак (режисерка), Ангела Стојановска (глумица) и Петар Антевски (продуцент) избра четири текста: „Голи души“ од Иван Додовски, „Ложа“ од Марио Стојаноски, „Хитлер е жив“ од Ева Камчевска и „Чудесен лек“ од Коста Бојчески.
– Современата македонска драма е најзапоставениот сегмент во македонскиот театар. Иако постои силен творечки потенцијал, голем дел од новите драмски текстови ретко стигнуваат до сцената. Затоа решивме да направиме конкретен чекор и да создадеме простор каде што авторите ќе се сретнат со режисери, продуценти и театри – и каде што нивните текстови ќе добијат реална можност за живот. Така се роди програмата „Драмолетање“. Во јуни 2025 година го имавме првиот пичинг-форум, каде четворицата автори имаа можност да ги претстават своите драмски текстови пред професионална публика, меѓу кои и директори на театри и режисери. Првиот повик покажа колку е ова потребно – пристигнаа 14 драми со различни теми и стилови – објаснува Антевски.
Во дигитално издание книгата е достапна на интернет-страницата www.mtf.com.mk, а има и малку отпечатени примероци.

– Зошто сме фокусирани на македонската драма и театар? Не затоа што го предавам овој предмет, не затоа што и самата сум авторка чии драми не се поставени на сцена, освен една радиодрама, туку сметам дека е важно зашто нема ниту еден национален театар без национална драма. Таа максима многу е релевантна само кога има некаква политичка програма, па така добро звучи. И сè е супер, ама тоа лебди во воздухот. Лично мојата мисија е колку можам да ја промовирам македонската драма… Ама проблемот не е до нас во процесот на селекција, туку што тие драми не се поставени. Идејата на „Драмолетање“ беше да се премости тој момент, односно да не останат драмите во некоја фиока, туку да може да се претстават пред оние кои можат да ги постават: режисерите, продуцентите, директорите на театрите – истакнува Ана Стојаноска, директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“ и професорка на ФДУ.
Менторските работилници на фестивалот ги водеше м-р Јанко Љумовиќ, професор на Факултетот за драмски уметности во Цетиње и еден од најистакнатите регионални експерти за театарска продукција.
Директорката Ана Стојаноска го најави слоганот за јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се реализира од 12 до 19 јуни 2026 година во Прилеп, а кој гласи „Храбриот нов театар“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 301, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.10.2025)