
Фестивалот на класичен балет и модерен танц на ДКЦ „Карпош“ ја чествува историјата на македонската балетска уметност
Фестивалот на класичен балет и модерен танц е од историско значење за ЈУ Детски културен центар „Карпош“ и за балетската уметност во нашата држава. Во далечната 1948 година се забележува првата генерација балерини кои ја испишале историјата на балетската уметност и каде за првпат се формирала балетска група во тогашниот Пионерски дом „Карпош“, денешен Детски културен центар „Карпош“ благодарение на Анализе Асман.
Препорачано
– Со сета почит кон нив и со особено задоволство ги истакнуваме имињата на првите балерини што отпочнале да ја испишуваат историјата на балетската уметност: првата прима балерина Натка Пенушлиска Митревска, Емилија Џипунова, Олга Милосавлева, Елпида Паковска, Вера Бранѓолица, Смилка Силјановска и Елица Поповска. Низ фестивалската сцена последните пет години имаат учествувано многубројни танчери од земјата и странство, а како најголеми поддржувачи на фестивалот можеме да ги истакнеме ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“.
До сега, награди за животно дело биле доделени на Натка Пенушлиска Митревска, Александар Доброхотов (постхумно), Татјана Петковска, Елисавета Кушовска, а оваа година наградата за животно дело постхумно му беше доделена на Ѓорѓи Македонски, основоположникот на балетската уметност во Македонија, и во негова чест е основана награда која го носи неговото име – вели уметничкиот директор на фестивалот м-р Маја Каревски.
Наградата „Ѓорѓи Македонски“ годинава ѝ беше доделена на Рисима Рисимкин за авангарден претставник во современата танцова едукација и творештво.

– Овој фестивал е единствен од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балетската уметност и современиот танц – истакна д-р Билјана Лалчевска-Серафимовска, директорка на Детскиот културен центар „Карпош“ во Скопје.
Годинава се одржаа две фестивалски вечери и две работилници од 10 до 12 јуни посветени на класичниот балет и модерниот танц. Гости на двете фестивалски вечери беа балерините при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје, гости од Турција (Истанбул јуниор балет) и Канада, Катедрата за современ танц и балетска педагогија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, балетското студио „Балерина“, солисти од Националната опера и балет и членовите на балетската секција при Детскиот културен центар „Карпош“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 286, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.6.2025)