
Фестивалот „Литературни искри“ го објави поетскиот конкурс за годинашното издание
Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ од Гостивар, кој годинава ќе го организира своето десетто издание во чест на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, го објави конкурсот за поетски творби.
Препорачано
Право на учество имаат сите поети од Македонија и од балканските земји. Тие ќе се натпреваруваат во две категории, до 18 и над 18 години. Секој учесник може да конкурира со по три досега необјавени песни, не подолги од 32 редови на својот мајчин јазик (задолжителен е препевот на македонски или на англиски јазик на учесниците на кои македонскиот не им е мајчин јазик).
Темата е слободна, а учесниците треба да ги достават песните во ворд-документ во лекторирана верзија. Заедно со податоци за личен контакт (име и презиме, адреса и место на живеење, возраст и телефонски број) песните треба да се испратат на имејлот [email protected].
Краен рок за пријавување е 31 март 2023 година. Уредно доставените творби ќе ги оценува тричлена комисија, која ќе одлучува за наградите и ќе изврши селекција на авторите кои ќе бидат застапени во заедничката збирка.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 167, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 февруари 2023)