Предавањето ќе се одржи на 30 септември, со почеток во 19 часот, во Чифте амам

Фестивалот „Крик“ организира предавање на провокативниот филозоф и теоретичар Борис Буден

Десеттото издание на „Крик – фестивал за критичка култура“, во организација на „Контрапункт“, продолжува со критичкото промислување на овогодишната тема „Преобразба“.

Есенското издание почнува со предавањето на секогаш провокативниот и поттикнувачки германско/хрватски филозоф и теоретичар на социо-културните деликатни и актуелни случувања и теми, Борис Буден.

На 30 септември (вторник), со почеток во 19 часот, во Националната галерија, објект Чифте амам, Борис Буден ќе одржи предавање насловено „Дупка во главата или: може ли нешто да се научи од војната?“

Согледувањата на Буден длабоко проникнуваат во сите денешни акутни културно-политички превирања во регионот и во светот, на глобално и локално рамниште, но и во самата тема на овогодишниот „Крик“, која ги поставува прашањата на човековата ентропија и потребата за преобразба на идејата за заедница.

По предавањето ќе следи кратка дискусија помеѓу Борис Буден и Никола Гелевски, како и разговор со публиката. Настанот ќе се одржи на хрватски и на македонски јазик.

Борис Буден е писател, критичар на културата и преведувач. Студира филозофија во Загреб и докторира во сферата на Културната теорија на Хумболтовиот универзитет во Берлин. Во 1990 е основач и уредник на магазинот и издавачката куќа „Аркзин“ во Загреб. Неговите есеи и написи се поврзани со теми од филозофијата, политиката, културната и уметничката критика.

Буден учествува во рамките на разни конференции и уметнички проекти во западна и источна Европа, Азија и Америка, вклучувајќи ја и „Документа XI“. Помеѓу неговите најзначајни преводи на хрватски јазик се и најзначајните дела на Сигмунд Фројд. Борис Буден е постојан соработник на Европскиот институт за прогресивни културни политики во Виена. Предава теорија на културата на Факултетот за уметност и дизајн, во рамки на универзитетот „Баухаус“ во Вајмар и на Универзитетот за применети уметности во Виена. Борис Буден живее и работи во Виена.

Никола Гелевски е директор и основач на издавачката куќа „Темплум“ (1989) (од самиздатските денови), главен уредник на списанието „Маргина“ (1994 до денес), главен уредник на стрип-списанието „Лифт“ (1995-2000 година) и основач и главен уредник на он-лајн порталот „Окно“ (2009 година до денес).

Тој е, исто така, основач и соосновач на повеќе граѓански организации и иницијативи: соосновач на „Контрапункт“ (1999), еден од основачите на Центарот за култура „Точка“ (2003-2009), еден од основачите на здружението „Плоштад слобода“ (2009) и еден од основачите на здружението ЦЕМ – Граѓани за европска Македонија, (2008). Тој е колумнист и неговите колумни се објавени во весниците: „Форум“ (1999-2001), „Утрински весник“ (2001-2009), „Глобус“ (2009-2011) и „Окно“ (2009 до денес ). Автор е на 7 книги и добитник на наградата „Борјан Таневски“ за 2007 година („истакнат колумнист на годината“). Основач е на книжевниот фестивал „Друга приказна“.

Уреднички тим на фестивалот „Крик“ се Искра Гешоска, Артан Садику, Тијана Ана Спасовска и Петар Милат. Постојани пријателски организации се: Мултимедијален институт (МаМа), Загреб; „Куда.орг“, Нови Сад; „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, Скопје; КСП „Центар – Јадро“; „Окно“; дизајн-студио „Кома“; „Киоск“, Белград; „Културтрегер“, Загреб; проектен простор „Прес ту егзит“; Национална галерија на Република Северна Македонија.

Предавањето на Борис Буден е поддржано од Гете институт Скопје. „Контрапункт“ и „Крик – фестивал за критичка култура“ се поддржани од проектот Култура за развој на Владата на Швајцарија и е имплементиран од „Хартефакт фонд“. Изнесените ставови во овој фестивал се единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија или на „Хартефакт фонд“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот