
Фестивалот „Игор Маџиров“ открива возбудливи светови што раскажуваат приказни големи колку вселената
Под мотото „Ослободи ја својата фантазија!“ од 27 до 30 септември се одржува второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во организација на Театарот за деца и младинци во Скопје.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Свеченото отворање на второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ се одржа на 27 септември со наградуваната претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци, која беше изведена надвор од конкуренцијата за награди.
Следните денови на фестивалот на програмата беа претставите „Шума од песни“ на Институт „Кускус“, Арт продукција од Љубљана, Словенија; „Бременските музиканти“ на Театар „Бабец“ од Битола; „Ова сум јас“ на театарот „Поко локо“ од Загреб, Хрватска; „Момчето со куферот“ на Мал театар „Душко Радовиќ“ од Белград, Србија; „Пинокио и Црвенкапа во потрага по Аладиновата ламба“ во продукција на Албански театар за деца и младинци; „Среќна куќичка“ на гостите од Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска; „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац, Србија; и претставата „Error 404“ во изведба на „Ангелес де трапо“ од Малага, Шпанија.
– Детскиот театар претставува еден од столбовите на кои се гради идентитетот и културата на една земја. Публиката за која го создаваме е воедно и највредната и најискрена публика и затоа имаме света обврска кон создавањето на овие претстави да пристапиме со најголема посветеност и љубов, онака како што само децата знаат да се посветат на тоа што го сакаат. Оваа година се обидовме да направиме селекција на претстави што ги нарекуваме „мали форми“, но она кое што меѓу редови сакаме да го порачаме е дека ништо не е мало во нашиот театарски свет. Волшебно е да се види како во малите простори, само со неопходни реквизити и сценографија, може да се создадат цели возбудливи светови што раскажуваат приказни големи колку вселената – рече Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци – Скопје, на отворањето на фестивалот.
Фестивалот и оваа година, покрај наградата Гран-при, доделува и Награда за најдобра режија, две актерски награди, сценографија, костимографија, специјална награда. Во составот на стручното жири се режисерот Тин Грабнар од Словенија, кој е претседател, и членовите: актерот Драган Довлев, актуелен Претседател на Советот на фестивалот, и Миливоје Млаѓеновиќ, театролог и поранешен директор на Стериино позорје. Новитет за оваа година е воведувањето детско жири, кое има задача да ја оцени и награди најдобрата претстава на фестивалот, по нивен избор.

Од оваа година фестивалот „Игор Маџиров“ почна соработка и со Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што се одржува работилница за куклен театар наменета за студентите и веќе дипломираните актери и режисери, а истата е предводена од актерката и режисерка Тамара Кучиновиќ, професорка по куклен театар од Факултетот за драмски уметности во Осиек, Хрватска. Во рамките на фестивалот има уште една работилница наменета за деца и наставници на тема куклен театар, предводена од режисерот Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора.
– Сакам да ја истакнам важноста на нашиот патрон на фестивалот, Игор Маџиров, симбол на детскиот театар кај нас, воопшто. Верувам и посакувам овој фестивал да прерасне во традиција, затоа што е важен чинител и за публиката и за нас како единствена професионална институција од областа на детско-младинскиот театар – истакнува актерот Драган Довлев, претседател на Советот на фестивалот.
Фестивалот годинава е поддржан од Министерството за култура. Претставите се изведуваат на сцените на ТДМ, Театар Комедија, МНТ, Албански театар за деца и млади. Покровител на фестивалот е претседателот Стево Пендаровски.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 198, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.09-01.10.2023)